• недела, 22 декември 2024

Турските аеродроми имаа рекордни 14,7 милиони патници во јануари

Турските аеродроми имаа рекордни 14,7 милиони патници во јануари

Анкара, 8 февруари 2024 (МИА) - Во јануари турските аеродроми пречекаа рекордни 14,7 милиони патници, изјави денеска министерот за транспорт и инфраструктура Адил Караисмаиоглу.

„Протокот на патници на турските аеродроми во јануари е зголемен за 8,1 отсто во однос на истиот месец минатата година“, рече министерот Караисмаиоглу, повикувајќи се на податоци од Генералниот директорат на државните аеродроми.

Над 7 милиони патници патувале со домашни летови минатиот месец, а 7,7 милиони патувале со меѓународни летови, односно 4,2 отсто и 11,9 отсто повеќе од претходната година.

Бројот на авиони со кои управувале турските аеродроми во јануари е зголемен за 5,6 отсто во споредба со истиот период во 2023 година.

Аеродромот во Истанбул во јануари имаше вкупно 6 милиони патници на домашните и меѓународните линии, а бројот на сервисирани авиони беше околу 40.848. Авиосообраќајот во Истанбул е зголемен за 6 отсто во споредба со јануари минатата година.

„Вториот најфреквентен аеродром во Турција, кој се наоѓа во азискиот дел на Истанбул – „Сабиха Ѓокчен“ прими 3,2 милиони патници и опслужи 19.177 авиони“, додаде министерот. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан