Турската полиција синоќа уапсила уште 43 демонстранти во центарот на Истанбул
- Полицијата уапси 43 демонстранти во центарот на Истанбул, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи.

Истанбул, 25 март 2025 (МИА) - Полицијата уапси 43 демонстранти во центарот на Истанбул, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи.
Синоќа повторно се одржа митинг на опозицијата на плоштадот Сарачане во близина на градското собрание, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.
Помали групи демонстранти се обидоа да одржат демонстрации и во други делови на Истанбул.
Голем број демонстранти синоќа ги блокираа улиците на Истанбул, во рамки на шестата ноќ од протестите во Турција, јавува Би-би-си.
Демонстрациите започнаа во Истанбул минатата среда кога градоначалникот Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, беше приведен под обвинение за корупција.
Судирите со безбедносните сили ескалираа во неделата вечерта, додека полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз демонстрантите, според британскиот јавен сервис.
Судот во неделата одлучи дека Имамоглу треба да остане во притвор до почетокот на неговото судење за наводна корупција и тероризам. Имамоглу ги негира обвинувањата. мс/
фото: МИА архива