• недела, 22 декември 2024

Тројца припадници на обезбедувањето на Гаши повредени во сообраќајна несреќа

Тројца припадници на обезбедувањето на Гаши повредени во сообраќајна несреќа

Охрид, 6 декември 2024 (МИА) - Тројца припадници од обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши се повредени во сообраќајна незгода на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село. Тие се во добра здравствена состојба, но ќе бидат задржани во болница. 

Случајот го потврди спикерот Гаши, при денешната посета на пратеничките канцеларии за контакт со граѓаните во Охрид посочувајќи дека лицата се во добра здравствена состојба, но вечерва ќе бидат задржани во болница.

- Се случи сообраќајна несреќа на обезбедувањето. Веднаш отидовме во болница ги видовме тројцата припадници од безбедносните сили, кои се дел од обезбедувањето. Се прават сите снимки и анализи. Докторот и директорот на болницата не информираа дека нема потешки повреди, но ќе ги задржат вечерва да не се случи нешто во меѓувреме. Според сите информации, се е во ред со тројцата, изјави Гаши.

Случајот, како што нагласи, е уште една порака до сите инволвирани во изградбата на автопатот Кичево - Охрид да се работи интензивно и квалитетно.

- За жал тоа е уште една порака до сите кои работат на патот Охрид - Кичево, да се работи по интензивно и по квалитетно затоа што сите граѓани патат и ниту еден од нас не е имун на таквите работи. На секој граѓанин може да му се случи. Посакувам да оздрават што побргу и на никој да не му се случи, посочи претседателот на Собранието Гаши.

МВР соопшти дека денеска во 10:45 часот во СВР Охрид е пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село, општина Дебрца, од патот излетало патничко моторно возило „сеат алтеа“, сопственост на Министерството за внатрешни работи, управувано од Ј.Л.(37), во кое сопатници биле И.Б. и Б.М, сите полициски службеници. сс/ев/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан