• сабота, 27 јули 2024

Тринаесетто издание на фестивалот „Здраво млади“ во Скопје

Тринаесетто издание на фестивалот „Здраво млади“ во Скопје

Скопје, 23 септември 2023 (МИА) - Тринаесетто издание на фестивалот на нова музика, „Здраво млади“, кој повторно го носи свежиот звук на светската музика во Скопје, ќе почне вечер во 20 часот, соопштија од Младинскиот културен центар (МКЦ).

- На пет бини во МКЦ ќе настапат повеќе од 20 артисти од 11 земји од Европа. Како и секоја година, програмата на фестивалот цели кон жанровска разновидност, нови и надежни артисти како и веќе етаблирани музичари во својата музичка кариера. Надоаѓачките артисти се срцевината на фестивалот, се наведува во соопштението.

Во салата „25 Мај“ во МКЦ, популарно позната како „Денсинг сала“, како што се додава во соопштението, „како централниот настан ќе го отвори настапот на рускиот џез панк состав „Оми“, по кој следи фолк сензацијата Џутко и „Плодови земље“ од Хрватска, потоа домашниот состав „Мај тиар“ со нов состав и најава за новиот албум, хрватската психоделична банда „Немања“, за на крај вечерта на оваа бина се затвори со долгоочекуваниот настап на хрватскиот анти рапер Војко В и „Доуп куќата““.

- Киното „Фросина“ е наменето за млади надоаѓачки артисти. На оваа бина, ќе се проследат настапите на новата ѕвезда на српската поп музика Жива, Португалката магионичарка на уку лелето Рита Брага, домашниот џез фолк состав „Калата“ и францускиот рапер Јоланде Башинг. Клубот МКЦ е резервиран за електронските артисти на фестивалот. Овде, публиката ќе има прилика да го чуе легендарниот рокенрол изведувач Иан Свенониус и неговиот последен проект „Ескапизам“, францускиот електронски артист чиј настап долго се очекува YMNK, кралевите на кумбијата „Маускович денс бенд“, Италијанците „Планет опал“ и ѕвездите на вечерта, Британците „PVA“, кои за многу кратко време ќе се искачат многу високо на светските топ листи. Џебното кино во МКЦ е резервирано за промоција на литературно музичкиот колектив „Слово култ“ со настап на три електронски артисти, ЏејДи Зази, Елизабета Костадиновска и Маргарет Аноун. На платото пред МКЦ пак, со свој диџеј сет ќе нѐ загреваат во текот на целата фестивалска вечер – резидент диџејот на „Здраво млади“, диџеј Фиц заедно со поддршка од локалните диџеј уметници Ајнур Касо и Ертунч Сали, пишува во соопштението.

Фестивалот оваа година е финансиран од страна на Министерството за култура и Град Скопје, како и настапите на артистите кои се дел од програмата „Лајвјуроп“.

Билетите може да се набават на билетарницата или на онлајн линкот за продажба на билети на МКЦ. бд/нд/

Фото: МКЦ

Остани поврзан