• вторник, 09 јули 2024

Трет каснат од змија во Велешко за 10 дена

Трет каснат од змија во Велешко за 10 дена

Велес, 9 јули 2024 (МИА) - Доцна синоќа околу 21 часот, 74 годишниот  велешанец Ј.Д.со викенд куќа во село Бањица, Општина Чашка, во дворот кај чешмата, бил каснат на ногата од змија поскок. Неговото семејство во интерес на времето веднаш со автомобил тргнале кон велешката болница и притоа се  јавиле во службата за  Итна помош. Тој на патот кај село Клуковец бил преземен од екипа на Итна медицинска помош и веднаш му бил даден змиски противотров и му била укажана медицинска помош, по што итно  бил однесен во Ургентниот центар на велешката Општа болница, информира за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница.

Тој синоќа по укажаната лекарска помош бил задржан во Одделението за Интерни болести при велешката Општа болница, а изутрината повторно  бил прегледан од д-р инфектолог  кој констатирал дека пациентот е во добра состојба и го испуштил на понатамошно домашно лекување.

Андова  информира дека оваа е трето каснување од змија во велешко за само десетина дена. Претходно, двајца велешани во село Војница била каснати од змии кога го копале лозјето и наишле на змиско гнездо, по што на настраданите од лекарски екипи на Итна помош  веднаш им била укажана прва помош со змиски противотров и потоа исто така  биле донесени   во велешката Општа болница.

Од Службата за итна медицинска помош која е во склоп на ЈЗУ Здравствен дом Велес, информираат дека деновиве по трошење на дозите биле снабдени со  интервентни  дополнителни дози на змиски противотров или антивиперинум.

Тие ги советуваат жителите на Велес и велешко да бидат  внимателен при престој во природа или работа на нива во овие летни денови кога има мноштво змии, а во случај на каснување веднаш да побараат лекарска помоп и да се обратат до нивната служба 194.ад/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан