• среда, 15 јануари 2025

Третирање на болеста боров четник во месноста ,,Љубаш" кај Кавадарци 

Третирање на болеста боров четник во месноста ,,Љубаш

Кавадарци, 30 октомври 2023 (МИА) - Во месноста „Љубаш" кај Кавадарци, попладнево се изврши третирање на болеста боров четник во боровата шума, во организација на регионалното еколошко друштво „Еко - живот", во соработка со инспекторката за шумарство и ловство при Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Љубица Ѓорѓиева.  

МИА беше на терен и направи фотографии од третирањето со органски препарати со дрон, од воздух. На лице место беше кажано дека станува збор за болест предизвикана од инсектот, народски познат како боров четник. Масовно се шири во борови дрвца во Кавадаречко, но и во целата држава, а уништува стебл и  претставува причина и за други болести. 

- „Љубаш" се белите дробови на Кавадарци. Боровите дрвца во оваа месност го штитат градот од загадување, поплави, климатски промени. Затоа предложивме, а Општината одобри проект за пробно третирање на околу 4.5 хектари површина. Доколку има резултати, ќе се врши дополнително третирање на пролет кога е болеста најсилна и се имаат формирано најмногу  гасеници што ги оштетуваат дрвцата, рече Роберто Паризов, претседател на „Еко - живот". 

Ѓорѓиева појасни дека од страна на инспекторатот, на чело со виш инспектор Трајче Ангелов, ЈП ,,Национални шуми" биле задолжени со записник и решение, да ја следат состојбата со боровиот четник на „Љубаш" и да ја известат ИДП службата при Шумарски факултет Скопје. 

- Службата дава насоки да се изврши хемиско третирање, додаде Ѓорѓиева.

На терен беше  и Горан Сакалиев, професор во Земјоделско - шумарското училиште „Ѓорче Петров" што постои 67 години, а имаше и млади екологисти, волонтери во еколошкото друштво.  

На настанот беа споделени и размислувања околу придобивката од тоа, различни субјекти да се вклучат во обезбедување на дрон и финансиски средства, за континуирано третирање на боровата шума, со цел нејзина трајна заштита. свд/цр


Фото: МИА 

Остани поврзан