• сабота, 18 мај 2024

Трајков: Катната гаража се гради во дворот на штипскиот Центар за култура

Трајков: Катната гаража се гради во дворот на штипскиот Центар за култура

Штип, 1 ноември 2023 (МИА) - „Ако очувот лаже, ДУП-от не лаже“. „Не сме против катна гаража, ама не во нашиот двор“, порача директорот на Центарот за култура ,,Ацо Шопов" -Штип, Горан Трајков  на надлежните во Општина Штип. Тој истакна дека на извод од Генералниот урбанистички план( ГУП ), покажува кој дел е во сопственост на националната институција, а кој на локалната самоуправа.

-Ова е Генералниот урбанистички план или извод од ГУП, којшто означува до каде се границите на нашата институција и до каде се ингеренциите на Општината. Од позадината, како што можеме да забележиме, се случува копање во делот на дворната површина на Домот на културата. Кој од геодетите и да го консултирате, ќе ви каже дека од лимената врата до предниот дел треба да имаме 10 метра одвоено и оставен влез за да можеме да функционираме. Ние не сме против катна гаража, но сме против таа да биде под 4 метри, бидејќи нема да можеме да работиме, изјави Трајков.    

Тој вели дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ биле непријатели на културата, бидејќи само во период на нивното владеење културните установи биле оневозможени да работат. Иако два месеца немале настани, Трајков вели дека Општината овозможила пристап за „Макфест“ и тоа поради тоа што самата е организатор на Фестивалот.       

-Спортскиот центар  „Џексон“ кога се даде под концесија, задниот влез на Театарот се затвори, се бутнаа скалите, се бутна одморалиштето и ние немаме влез од таа страна. Тоа е во времето на градоначалникот, прим. д-р Илчо Захариев, а истото се случува пак кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Јас само едно можам да претпоставам, дека тие се против културата и дека се непријатели на културата. Културата не е само моја, таа е на сите граѓани. Ова е втор месец како не одржуваме настани во Домот на културата, вели  Трајков.  

Тој посочи дека за проблемот веќе е известено и Министерството, а вклучени се и судот и полицијата.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов  остана на ставот дека ова е партиска опструкција. Тој на фејсбук објави дека власта продолжува да го кочи развојот на Штип!.

 -Овој пат свесно се попречува изградбата на првиот од трите планирани мини паркинзи на ниво, со кои ќе се реши сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.  

-Неовластени лица вршат блокада на градежните активности, за кои уредно и редовно се информирани од МВР-СВР Штип, но службените лица, очигледно по наредба на повисоките раководни структури не постапуваат согласно законот и дозволуваат девијантни појави во центарот на нашиот град, вели Јорданов. Тој побара итна деблокада на градилиштето за катната гаража од страна на СВР- Штип. вдј/

Фото:МИА

Остани поврзан