• понеделник, 23 декември 2024

Трамп прогласи вонредна состојба во САД поради коронавирусот (ДПЛ)

Трамп прогласи вонредна состојба во САД поради коронавирусот (ДПЛ)
Вашингтон, 13 март 2020 (МИА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска на прес-конференција Белата куќа прогласи вонредна состојба во земјата поради ширењето на новиот коронавирус во земјата. Во своето обраќање тој истакна дека ќе распредели 50 милијарди долари за борба против вирусот и запирање на неговото ширење. Во светот досега се заразија над 145 илјади луѓе, од кои повеќе од пет илјади починаа. Како што кажа Трамп, вонредната состојба во земјата ја прогласува „за реализација на целата сила на федералната Влада“. Тој ги повика сите сојузни држави да создадат центри за итна помош за борба против Ковид-19. - За да се реализира целата сила на федералната Влада...официјално објавувам вонредна состојба во земјата... Преземам мерки кои ќе отворат пат кон 50 милијарди долари, многу важна и голема сум за државите и териториите, или населените места, во нашата борба против оваа болест, истакна Трамп. Парите ќе овозможат лекарите и болниците да работат непречено како одговор на ширењето на вирусот, како на пример лекување од дома, и ќе овозможи олеснувања за плаќачите на студентски кредити. Тој посочи дека Владата работи заедно со приватниот сектор, со компании како „Гугл“, за да се забрза процесот за производство на тестови за вирусот, кои треба да станат подостапни за Американците. Претседателот посочи дека во најмала рака ќе бидат произведени околу пет милиони тестови за дијагноза на коронавирус. Притоа, додаде тој, состојбата се воведува согласно Актот „Стафорд“. Овој закон овозможува претседателот да прогласи вонредна сосотојба во целата земја во случај на разни опасности или катаклизми, и да издвои средства за ликвидација на последиците од фондот на федералната Агенција за вонредни ситуации. Законот бил донесен во 1988 годнина и се применувал многу ретко. Така на пример, поранешниот претседател Бил Клинтон во 2000 година објави вонредна состојба поради ширењето на Западно-нилска треска во САД. На прес-конференцијата се обратија и експерти од тимот задолжени за координација на борбата против коронавирусот, како потпретседателот Мајк Пенс и главниот инфектолог во САД, Антони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и инфективни заболувања. Ширењето на инфекцијата во САД предизвика откажување на спортски настани, компаниите работат од далечина, затворање на државни објекти, универзитети и училишта, а се со цел да се спречи ширење на вирусот и епидемија, слично на епидемиите во Италија и во други европски земји. Трамп завчера воведе времена забрана за летовите од континентална Европа кон САД. кб/гт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан