• петок, 20 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Трамп по смртоносниот руски напад врз Киев: Русија и Украина сакаат мир

Трамп по смртоносниот руски напад врз Киев: Русија и Украина сакаат мир

Вашингтон, 24 април 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин сериозно сака мировен договор, и покрај тоа што Русија ноќеска го изврши најтешкиот напад врз Киев во последните девет месеци. Во нападите, според официјалните податоци на украинските служби за итни случаи, загинаа најмалку 12 лица, а 90 се повредени. Спасувачките служби предупредуваат дека бројот на жртви може да расте поради луѓе заробени под урнатините.

- Цврсто веруваме дека двете страни сакаат мир, но мора да седнат на преговарачка маса. Чекаме долго и мислам дека ќе дојдеме до мир, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа за време на работен ручек со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, одговарајќи на прашање од Си-Ен-Ен.

Претходно денеска, Трамп на платформата Truth Social го повика Путин да го запре бомбардирањето на Украина: „Не сум среќен поради руските напади врз Киев. Непотребни се и доаѓаат во многу лош момент. Владимире, ЗАПРИ!“ Во друга објава тој додаде: „Владимире, ЗАПРИ! 5000 војници умираат неделно. Ајде да го финализираме мировниот договор!“

На прашањето дали Путин ќе го послуша неговиот повик за прекин на нападите, Трамп кусо одговори: „Да“. Тој додаде дека има сопствен временски рок за запирање на војната во Украина, но не го прецизираше.  - Имам свој рок, рече Трамп пред Белата куќа пред средбата со Сторе. За време на кампањата, тој ветуваше дека ќе ја заврши војната уште првиот ден од мандатот, но ова е првпат да навести дека има свој рок.

Трамп призна дека постои „голема омраза“ меѓу двете страни, но истакна: „Мислам дека и двете страни сакаат мир, навистина верувам во тоа.“ На прашањето дали ќе разгледа нови санкции против Русија доколку нападите продолжат, тој не даде директен одговор. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан