Трамп го потпиша законот за новите санкции против Русија
- Пакетот санкции, потсетува ДПА, доби двопартиска поддршка во Конгресот и има за цел да го зголеми притисокот врз Русија поради нејзината војна против Украина.
Вашингтон, 19 септември 2026 (МИА) – Американскиот претседател, Доналд Трамп, го потпиша законот за пакетот опсежни нови санкции против Русија, што претходно неделава беше усвоен од Конгресот, соопшти синоќа Белата куќа.
Пакетот санкции, потсетува ДПА, доби двопартиска поддршка во Конгресот и има за цел да го зголеми притисокот врз Русија поради нејзината војна против Украина.
Покрај директните санкции насочени кон руски политичари и компании, законот вклучува и мерки против рускиот извоз на нафта и гас, кои ѝ помагаат на Москва да ја финансира војната.
Законот го овластува Трамп, меѓу другото, да воведе санкции за петте најголеми купувачи на руски енергенси, како и за петте земји што најмногу ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи енергетските санкции.
Мерките би можеле дополнително да ги затегнат трговските односи на САД со Кина и Индија, земји кои купуваат големи количества руска нафта.
Законот го носи името на покојниот американски сенатор Линдзи Греам, кој одигра водечка улога во унапредувањето на законскиот предлог.
Покрај санкциите против Русија, законот обезбедува и рамка за продолжување на санкциите против Иран до 2031 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Трамп за потпишувањето на законот.
„Најдобриот начин да се оддаде почит на споменот на Линдзи ќе биде целосно и брзо спроведување на одредбите од овој закон“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
„А најдобрата награда за сите што ни помагаат да извршиме притисок врз Русија да ја прекине војната, ќе биде мирот“, рече тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, уште пред Трамп да го потпише законот, предупреди дека дополнителните американски санкции ќе ги искомплицираат напорите за постигнување мирно решение во Украина,потсетува ДПА.сд/
Фото:МИА архива