• петок, 22 ноември 2024

Трагови од експлозив пронајдени се на јахта, покажува германската истрага за саботажата на Северен поток

Трагови од експлозив пронајдени се на јахта, покажува германската истрага за саботажата на Северен поток

Берлин, 12 јули 2023 (МИА) – Германија пронашла траги од подморски експлозив во примероци земени од јахта за кои постои сомневање дека можеби била користена за транспорт на експлозиви во саботажата на гасоводот Северен поток, се наведува во писмото на Германија, Шведска и Данска испратено до Советот за безбедност на Обединетите нации.

Серијата досега необјаснети експлозии во септември минатата година ги прекинаа гасоводите Северен поток 1 и 2, што ги поврзуваат Русија и Германија под Балтичкото Море, во ексклузивните економски зони на Германија, Шведска и Данска.

Секоја земја води посебна истрага и вчера на барање на Русија ги испрати најновите информации. Москва тврди дека не била информирана за напредокот на истрагите.

Ниту една од истрагите не е завршена и сè уште не може да се каже кога ќе бидат завршени. Природата на актите на саботажа е без преседан, а истрагите се сложени, напишаа Германија, Шведска и Данска во заедничкото писмо во кое ги ажурираат информациите за истрагата.

Во заедничкото писмо се наведува дека Германија истражува „сомнителна чартер едрилица“ која била изнајмена на таков начин што „да го прикрие идентитетот на вистинскиот изнајмувач“.

- Се сомнева дека овој брод можеби бил користен за транспорт на експлозиви. Траги од подводни експлозиви се пронајдени во примероците земени од бродот за време на истрагата, се наведува во извештајот на германската истрага.

Се додава дека „според процените на експертите, можно е обучени нуркачи да закачиле експлозив на местата каде што се оштетени гасоводите Северни поток 1 и Северни поток 2, кои се поставени на морското дно на длабочина од околу 70 до 80 метри.

- Во овој момент не е можно со сигурност да се утврди идентитетот на сторителите и нивните мотиви, се наведува во писмото.

Москва тврди дека Западот стои зад експлозиите, додека западните влади негираат вмешаност. ми/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан