Тошковски: Центарот за обука на МВР е клучна алка во системот на безбедност, со меѓуресорска соработка до подобра спортска инфраструктура
- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска остварија работна посета на Центарот за обука на МВР, каде е во тек сеопфатна реконструкција на постоечките капацитети.

Скопје, 29 март 2025 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за спорт Борко Ристовски денеска остварија работна посета на Центарот за обука на МВР, каде е во тек сеопфатна реконструкција на постоечките капацитети.
Овој центар, како што соопшти МВР, е клучна алка во системот на безбедност, каде се обучуваат и подготвуваат идните полициски службеници и токму затоа вложувањето во неговата инфраструктура е вложување во стабилноста и безбедноста на државата.
- Со министерот разговаравме за можностите за меѓуресорска поддршка, особено во делот на спортската инфраструктура, односно спортските терени, полигонот, игралиштата и базенот. Особено загрижува состојбата со базенот, кој иако бил реновиран претходно, воопшто не е ставен во функција и оставен е да пропаѓа. Заеднички констатиравме дека со релативно мали инвестиции, овој сериозен капацитет може повторно да се стави во функција и да стане дел од системската подготовка на полициските кадри, потенцира министерот Тошковски при посетата.
Министерот Тошковски нагласи дека целта е изградба на модерен, целосно опремен и функционален центар за обука, кој во иднина ќе има и регионално значење и дека преку соработка помеѓу институциите, со јасна визија и одлучност, може да се изградат услови што ќе одговорат на современите потреби. мд/
Фото и видео: МВР