• понеделник, 23 декември 2024

Томас Вајц за МИА: Има огромен политички притисок врз Бугарија, изолирани се од некои ЕУ-проекти

Томас Вајц за МИА: Има огромен политички притисок врз Бугарија, изолирани се од некои ЕУ-проекти
Брисел, 27 октомври 2021 (МИА) - Австрискиот европратеник од редовите на зелените и член на повеќе парламентарни делегации со земји од Западниот Балкан, Томас Вајц, во интервју за МИА вели дека врз Бугарија има огромен дипломатски притисок да го крене ветото кон Северна Македонија и е уверен дека прашањето ќе се реши веднаш штом се формира нова влада во Софија. Еве сме на два месеца од следниот Европски совет, а Бугарија ќе има избори во ноември, така што не личи дека ќе се реши проблемот до декември. Ова би значело повторно вето за Северна Македонија. Очекувате некакво поместување до декември? - Само што се вратив од Бугарија пред една недела каде што зборував со разни политички чинители, вклучително и партиите што се кандидираат за изборите. Гледам општа промена во наративот. Главните поддржувачи на ова вето или не беа повторно избрани во парламентот или не покажуваат добри резултати на анкетите, дури и ГЕРБ која играше на оваа антимакедонска слика го правеше тоа најмногу за да дефокусира од внатрешните политички проблеми. За жал, ова доведе до блокада на ниво на ЕУ. Но, можам да ви кажам дека има огромен политички притисок врз Бугарија. Во моментов Бугарија се држи на страна од повеќе проекти, така што го чувствуваат тоа во нивната секојдневна дипломатска работа. Зборував и со претставник на Бугарија во Советот на Европа, кој е и политички ангажиран и тој повтори некои од проблемите што ги имаат и што треба да се решат помеѓу две соседни нации. Ова е нешто сосема нормално. Австрија после Втората светска војна сѐ уште требаше да реши некои прашања со Словенија на пример, тоа е сосема нормално. Бугарите велат дека не можат повеќе да го издржат овој притисок, целосно се изолирани од дипломатската сцена, не вреди Бугарија да го презема овој ризик затоа што нема големо економско прашање зад ова, ова е само билдање на националистичка реторика. За жал има трети избори во Бугарија. Очекував да се преговара за влада веќе после вторите избори, но ете сега има трети. Она што го гледам зад сцената е дека ниедна од партиите нема да се зафаќа за оваа тема пред формацијата на новата влада. Ова причина ја разбира и македонската страна, и затоа дебатата е сега смирена. И не сакаме десничарските партии да земат залет. Затоа не ја враќаме темата во дебатата. Ова е емотивно прашање. Емоциите се поттикнаа и сега се тука. Дипломатите ми повторија дека Бугарија е првата што ја призна независноста на Македонија. Така што постои историја на добрососедски односи врз коишто може да се гради. Бугарија го водеше процесот на признавање на македонската независност. За жал поради изборите во ноември и додека не формираат влада, не очекувам да сменат став до декември. Сѐ уште се надеваме и притискаме. Ќе зависи и колку брзо ќе формираат влада, но чувствувам дека се уште ќе бидат во процес на формирање на влада и нема да бидат во позиција да донесат далекусежни одлуки. Тоа е тоа што треба да се очекува за жал за сега. Гледам дека се подготвени да се откажат, но ќе треба и некаков симболичен потег од македонска страна. Симболичен потег како откажување од нешто или...? - Некои од овие дебати се смешни. Чии се песните или зошто оваа книга сега се вика македонски народни песни, а не бугарски, и обратно. За мене ова е неразбирливо како Австриец. Со моите словенечки соседи имам земјиште на границата и застануваме и ги пееме истите песни, секој на свој јазик. Тоа е заедничко европско наследство, сите имаме поврзано наследство и идентитет. Но, некаков симболичен потег како преименување на некоја книга за народни песни „македонски и бугарски песни“.  Пробуваме да најдеме решение. Огромно мнозинство во Европскиот парламент има ист став: и дадовме ветување на Северна Македонија, побаравме од неа да исполни некои критериуми и ветивме дека ќе започнеме со преговори. И сега и должиме на Северна Македонија. Станува збор за ветување и ако сакаме да бидеме партнер од доверба мора да го исполниме ветувањето. Правиме сѐ што можеме да го ослободиме патот и вршиме многу притисок. Дали по дипломатски пат, во влада, во Совет. Погледнете и во Европскиот парламент. Имаме неколку луди бугарски европратеници кои не ни имаат партија во Парламентот и поттикнуваат омраза и од друга страна имате над 700 европратеници од сите политички партии кои велат „ова е смешно, да го надминеме ова вето“. Притисокот врз Бугарија е огромен. Рековте дека има притисок врз Бугарија во смисла на држење на страна од некои проекти, го споменавте Советот на Европа, дали е тоа случај и во ЕУ? - Да. Нема да навлезам во детали затоа што би било спротивно на стратегијата. Но, еве конкретен пример: не е само држење на страна од некои иницијативи, туку и не се притиска за нивните барања. Бугарија има барања од ЕУ, има потреба од дополнителна поддршка. Кохезивни фондови, фондови за закрепнување, праведна транзиција. На Бугарија и е потребна голема поддршка за надминување на употребата на јаглен, на пример. Разбирањето од страна на другите влади во ЕУ кон барањата на Бугарија е многу ограничено во овој момент. Таква е ситуацијата. Споменавте дека македонското прашање не им е важно на бугарските граѓани во изборите ако се гледаат резултатите, што веќе се покажа и на првите избори летово, но тоа сепак не ги спречи бугарските политичари да продолжат со националистичка реторика, дури и претседателот, и покрај тоа што тоа не им носи гласови. - Како што реков ова прашање стана емотивно. Дел од населението е насочено кон проблем кој не е значаен проблем. Исто така и умерените партии се воздржуваат од отворање на тоа прашање затоа што не сакаат десните и екстремно десните партии да капитализираат врз оваа емоција. Се обидуваат да бидат внимателни со ова сега за да избегнат националистичко мнозинство кое ќе го користи ова. Бугарските граѓани се уморни од нефункционални институции, од висока корупција, уморни се што со нивната држава владеат гангстери. И има огромен фокус врз внатрешниот процес, како да се надминат старите структури, како да се направи од Бугарија модерна западна држава после толку многу години. Така што прашањето за пристапување на Северна Македонија не е толку присутно во моментов. И прогресивните партии сакаат да зборат за стандардот на живеење, институции во служба на граѓаните, функционален правен систем, и прогресивните партии го држат фокусот таму за да формираат мнозинство. Да поминат изборите, нека се формира влада, и ќе можеме да го решиме проблемот, доста сум оптимист. Немате надеж за декември ни вие значи? - Уште се обидуваме да го оствариме тоа. Не би го исклучил целосно како можност. Сакам да пренесам порака дека дури и да не се случи сега во декември ќе се случи многу скоро, многу брзо откако Бугарија ќе формира влада, ќе биде една од првите теми со кои ќе се справат. Бугарија може било кој ден да го повлече ветото, не треба Европски совет за тоа, може во понеделник наутро да одлучат да го кренат ветото, ја пренесуваат пораката до другите земји членки и почнува првата Меѓувладина конференција. Во меѓувреме поддршката и довербата на граѓаните на Северна Македонија во ЕУ опаѓа драматично, бројките покажуваат дека луѓето не веруваат во тоа што го зборува ЕУ, кредибилитетот е целосно оштетен. Како го враќате тој кредибилитет? - Прво, можеби не го забележувате тоа, но држиме многу до тоа да нема одвојување од Албанија. Постои пристап кој вели дека не треба да се казнува Албанија за ситуација врз која немаат влијание, тие се жалат на тоа кај нас, бараат да почнат преговорите, но ние држиме до овој принцип затоа што со тоа го држиме притисокот. Тоа е една од заложбите. Втора заложба се инвестициите на ЕУ во регионот. Знам дека тоа не може да го замени напредокот во зачленување во ЕУ, но е значајно. Многу пари инвестираме во регионот, во инфраструктурата, во градење институции, поддршката е тука и е силна. Заложбата е тука, но сакам да предложам и друга перспектива. Колку и да не го сакам ова вето од Бугарија, тоа сепак покажува дека во ЕУ кога сте членка не се откажувате од национална автономија. Дури и помала, средна држава кога ќе донесе одлука, ја прифаќаме и се справуваме со тоа. Не ги игнорираме, туку преговараме, вршиме притисок, сакаме да се вратат на разумна позиција, но сепак и мали и средни држави можат да си го одбранат својот интерес во ЕУ и тоа може да се гледа како нешто позитивно од страна на потенцијална идна членка на Унијата, како што е Северна Македонија, која ќе биде мала земја членка. Вашите права да ја изразите вашата волја, да влијаете врз големите одлуки, ќе се почитуваат. Тоа е ЕУ, ова е унија на компромис, преговори, некогаш тоа го пролонгира процесот, нѐ прави бавни, но така решаваме проблеми. Видовме во првиот круг на овие локални избори дека владејачката партија СДСМ губи влијание. Како го толкувате ова како европратеник, дали е поврзано за неуспесите кон ЕУ? - Од она што го гледам во анкетите тие губат влијание на локално ниво, но на национално ниво гледаме уште значајна поддршка од граѓаните за владејачката партија. Ова се две различни нивоа. Тоа што партијата на Заев губи на локално ниво е затоа што не ги исполнија надежите на граѓаните на локално ниво за добро владеење. Не сакам да покажувам со прст, ова е процес и треба време, не се менува земја преку ноќ, но граѓаните очекуваат повеќе, повеќе транспарентност, дистанцирање од клиентелизмот, помалку партизирани институции, мислам дека е јасно оти тука граѓаните очекуваа повеќе и мислам дека е ова причината што на локално ниво губат, на локално ниво најмногу се чувствува тоа. Социјалдемократите треба да учат од ова, но и сите други партии. Тања Милевска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан