• недела, 22 декември 2024

Тиквешани со потекло од Мала Преспа по шести пат организираат посета на Корча во Албанија 

Тиквешани со потекло од Мала Преспа по шести пат организираат посета на Корча во Албанија 
Кавадарци, 16 март 2023 (МИА) - Тиквешани со потекло од Мала Преспа, по шести пат организираат посета на градот Корча во Албанија. Претседателот на Здружението на граѓани „Сопот Тиквеш", Миле Грозданов појасни за МИА дека нивните претци, жители со македонско потекло, како последици на бегалска криза, биле принудени да ги напуштат своите домови и да се населат во неколкуте општини во Тиквешко.
 
- Станаа деведесет години од таа преселба. Изминативе години ги посетуваме Корча, споменикот и училиштето во Долна Горица, Мала Преспа, сведочиме на трогателни средби со родниот крај на нашите дедовци и баби, рече Грозданов. 
 
Тој додаде дека споменикот во Долна Горица е моќен раскажувач на таа трагична судбина.
 
- Воспоставивме одлични односи со претставниците од општината Пустец и жителите на Мала Преспа. Ним им сме многу благодарни што на училиштето во ова село му го дале името „Отпорот на Горичаните и што се избориле по предметот историја еден час во сите шести оделенија во Албанија, да се учи за настанот во Горица. На  директните  потомци на бегалците од Горица веќе им побелеа косите, многумина не се повеќе на овој свет. Тие што се се уште живи, како и  нивните претци,  искрено очекуваат и се надеваат дека  потомците  нема да дозволат да згаснат спомените,  ами ќе ги негуваат со многу љубов. Да не се замати сјајот на непокорот на намачените Горичани и да не се исушат корените кои цврсто ги држат моќните семејни стебла низ патиштата на времето и просторот, нагласи Грозданов. свд/дма/
 
Фото : МИА

Остани поврзан