• недела, 22 декември 2024

„Тетово сака парк“: Во овој случај фирмата се јавува како донатор, а не како иницијатор

„Тетово сака парк“: Во овој случај фирмата се јавува како донатор, а не како иницијатор

Тетово, 1 ноември 2023 (МИА) - Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ испрати допис до медиумите со реакција на информациите споделени од Општина Тетово дека приватна фирма сака да донира средства со кои ќе се плати изработката на четири детални урбанистички планови. Тие посочуваат дека фирма може да биде иницијатор, а не донатор.

- Законската регулатива и онака е матна во овој контекст, и дозволува иницијатор за промена на урбанистички план да биде кое било заинтересирано правно или физичко лице, кое по прифаќањето на иницијативата од страна на Општината, се обврзува да ја финансира и изработката на планот за кој тоа лице поднело иницијатива. Но, во овој случај фирмата се јавува како донатор, а не како иницијатор. Претседателот на Советот, г. Бесар Дурмиши, изјавил за медиумите дека не го знае точно мотивот на фирмата за давање на ваква донација, но претпоставил дека тоа е во знак на благодарност кон Општината, бидејќи во минатото Општината на некои фирми им завршувала работа, додека на други не. Понатаму, Дурмиши изјавил дека „Збукурими“ ќе гради на друго место, не во делот за каде ја финансира изработката на плановите, велат во дописот од „Тетово сака парк“.

Од таму велат дека произлегуваат неколку прашања до г. Дурмиши, до членовите на Советот на Општина Тетово и до општинските служби.

- Дали „Збукурими“ се оддолжува за нешто на Општината? Што подразбира Дурмиши кога вели дека Општината „завршува“ работа, па фирмата е благодарна? Општината е должна да постапи согласно закон во сите управни постапки и процеси, и во таа смисла секое „завршување“ на работа кое повлекува посебна благодарност може да се смета како издавање од Општината некаков документ (одобрение, дозвола и др.) незаконски. Не мисли ли Дурмиши дека „Збукурими“ ја подмитува Општината на овој начин? Како претседавач на Совет на Општина е запознаен кој каде ќе гради во иднина, кога тоа не е во негова надлежност? Во колку предмети со Општина Тетово во моментов една од страните е фирмата „Збукурими“?, стои во соопштението од граѓанската иницијатива.

Поради основани индиции дека ваквите донации претставуваат коруптивно поведение, од „Тетово сака парк“ велат дека наредниот период ќе поднесат претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). ас/мд/

фото: ТСП

Остани поврзан