Теренски активности на СДСМ во Центар, Чаир, Карпош, Сарај, Арачиново, Бутел и Чучер Сандево.
- СДСМ попладнево ги продолжи теренските активности под слоганот „Рамо до рамо, до победа“ во скопските општини Центар, Чаир, Карпош, Сарај, Арачиново, Бутел и Чучер Сандево.
Скопје, 18 април 2023 (МИА) – СДСМ попладнево ги продолжи теренските активности под слоганот „Рамо до рамо, до победа“ во скопските општини Центар, Чаир, Карпош, Сарај, Арачиново, Бутел и Чучер Сандево.
Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска заедно со претседателот на партиската комисија за транспорт и врски, Митко Трајчулески беа меѓу граѓаните на општина Центар.
Како што соопшти СДСМ, Лукаревска посочи дека освен политиките кои значат стабилност и напредок, членство во НАТО и ЕУ, и економските политики на СДСМ носат резултат.
- Денеска се потпиша договор за најголемата гринфилд инвестиција во нашата држава во вредност од над 205 милиони евра. Од независноста до денеска немало поголема директна странска инвестиција. Околу 4.000 нови работни места носи оваа инвестиција. Тоа се економски политики кои значат раст, развој и сигурност. Сето ова е доказ дека нашата економија и во време на глобална криза е стабилна, ликвидна и конкурентна и потврда дека оваа 2023 година ќе биде година на економски пресврт, рече Лукаревска.
Таа додаде дека СДСМ и на локално ниво покажува што значи добро и успешно менаџирање со општините, а како пример го наведе градоначалникот Горан Герасимовски од редовите на СДСМ.
Оливер Спасовски, член на највисокото раководство на партијата, беше во посета на Бутел.
-Од 2017 година досега минималната плата ја зголемивме за 11.375 денари. Пред време го остваривме и ветувањето за просечна плата од 34.000 денари до крајот на мандатот, споредбено со просечната плата од 22.000 за време на режимот на ВМРО! Или, пак, просечната пензија ја зголемивме на 19.150 денари. Во време на режимот 100.000 пензионери земаа пензија под 10.000 денари. И 12.000 лица стечајни работници се обештетени со месечен надоместок од 8.000 денари до пензионирањето, рече Спасовски.
Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев заедно со Филип Даскаловски попладнево беше меѓу жителите на општина Чучер Сандево.
Пред присутните Богоев истакна дека СДСМ се грижи за сите граѓани, вложува во секое населено место, додавајќи дека тоа е целосно различен пристап од оној на ВМРО-ДПМНЕ чии што градоначалници ги уназадуваат општините со кои раководат.
- Во време на светска економска криза ги зголемивме платите и пензиите, воведовме авансна исплата на субвенции, вложивме во енергетскиот сектор, ги замрзнавме цените на основните продукти, а што направи ВМРО-ДПМНЕ? Блокираат закони во Собранието, а во општините трошат милиони за партиски вработувања, додека граѓаните плаќаат поскапи услуги. Наместо за граѓаните, работат за лични и бизнис интереси и ги уназадуваат општините. Сите тие можат да учат од нашиот Сашко Комненовиќ кој макотрпно секојдневно работи за неговата општина, решавајќи ги проблемите на секое населено место овде во Чучер Сандево, истакна Богоев.
Во општина Чаир беше претседателот на СДММ Марко Михаилоски кој заедно со Даниела Рендевска се сретнаа со жителите од оваа општина, каде пред присутните ги промовираа мерките и политиките што СДСМ ги преземе пред се за унапредување на квалитетот на живот на младите, со цел тие да останат во своите родни места и тука да ја градат својата иднина. ев/цр
Фото:СДСМ