• вторник, 17 декември 2024

Трајков: Реформската агенда, во чиј процес се вклучени и младите, ќе обезбеди основа за забрзана интеграција на Македонија во ЕУ

Трајков: Реформската агенда, во чиј процес се вклучени и младите, ќе обезбеди основа за забрзана интеграција на Македонија во ЕУ

Скопје, 17 ноември 2024

Во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“ заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков која воедно е и заменик главен преговарач за ЕУ, стави акцент на приоритетните области од Реформската агенда, со што би се забрзал процесот на интеграција и унапредување на економијата и ги наведе областите во кои би се спровеле реформите, како и улогата на младите во самиот процес.
 
Таа посочи дека Владата изминатите пет месеци има направено многу на дипломатски план и како и досега, Македонија останува да биде пред се и над се.

„Реформската агенда, тоа  е нешто најактуелно во моментот што се зборува, нешто за  кое што навистина упорно и напорно работеше Министерството за европски прашања, а претходно Секретаријат за европски прашања и морам да кажам дека нашата Реформска агенда е една од најдобрите, односно најдобра во регионот со што и не пофалија од Европската комисија дека добро сме ја сработиле. Она што сега во моментот следува како следна фаза е да ја реализираме баш онака како што е испланирана и напишана“, изјави Трајков.

Таа образложи на што се темели Реформската агенда, односно областите кои ќе бидат опфатени и каде ќе се спроведат реформите, како што се јавната администрација, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал, а во фокусот на реформите го стави владеењето на правото, односно справување со корупцијата, така што тоа би довело до успешно справување со предизвиците кои ги носи иднината, сметајќи дека сето ова е клучно за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок на државата.

„Најважно е да се зајакне капацитетот на јавната администрација, но и еден процес којшто е многу важен е дигитализацијата, да речам прво на администрацијата, па сите останати државни процеси. Она што е особено важно, а мислам и дека најголем акцент ќе се даде е реформата во владеењето на правото, како една партија којашто имаше навистина огромна поддршка од граѓаните, мислам дека таа реформа мора да се случи и конечно во оваа држава секој да биде еднаков пред законот, да нема ваши и наши, туку тој што ќе си погреши да си одговара, односно ќе се фокусираме на борбата против корупцијата“, наведе Трајков.

Исто така, таа посочи дека младите се дел од процесот на Реформската агенда во донесувањето на разни одлуки, потенцирајќи дека е од огромно значење да се слушне нивниот став и мислење за одредено прашање и дека тие ќе бидат вклучени со присуство на разни дебати и настани.

„Младите и невладиниот сектор ни се навистина многу важни и мислам дека во цел овој процес за реформската агенда ќе бидат вклучени како дел од расправи, тркалезни маси, така што ние не ги напуштивме младите ни претходно како политичка партија. Но и сето она коешто денес е, да речам, суштински важно да бидат дел од процесот и може да се виде дека на секоја една стратегија на секој еден состанок каде што се покровители или организатори Владата на нашата земја, апсолутно има присутност на младите и тоа го поздравувам дека таа пракса треба и понатаму да се продолжи“, заклучи Трајков.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан