Театарскиот Фестивал за деца и млади „Малиот принц“ свечено се отвора утревечер
- Пред платото на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип утре во 19:00 часот со перформанс со живи статуи ќе се отвори Театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“.
Штип, 16 септември 2023 (МИА) - Пред платото на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип утре во 19:00 часот со перформанс со живи статуи ќе се отвори Театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот принц“.
Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков вели дека претставите започнуваат од понеделник и ќе траат во текот на целата недела. Посочи дека во понеделник ќе може да се погледне еколошка претстава за деца „Пет и Еко“, која ќе започне од 18:00 часот, во која преку дејство и весели песнички, петте главни јунаци ќе укажат на грешките во секојдневието со кои се загадува животната средина.
Кумановскиот театар, пак, во вторник ќе се претстави со претставата „Црвенкапа“, која е со почеток во 18:00 часот. Во среда, на сцената ќе може да се види и претставата која е во продукција на штипскиот Центар на култура, „Ајварко, Кифи и мистер Хамбургер“, со почеток во 20:00 часот, а во четврток скопскиот Театар Хит со почеток во 18:00 часот ќе ја одигра претставата „Во домот на волшебникот“.

-Традиционално го одржуваме и Фестивалот за деца „Малиот принц“ којшто е 11. по ред. Ќе се претстават шест театарски претстави и еден театарски перформанс којшто ќе биде пред Платото, како и минатата година, но годинава со збогатена програма, вели Трајков.
Сите претстави од репертоарот ќе се реализираат на големата сцена во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип. Билетите за претставите ќе се продаваат по цена од 100 денари.вдј/вј/
Фото: Малиот принц