• петок, 05 декември 2025

Тасулас: Пораката на Шуман за вистинска солидарност е поактуелна од кога било

Тасулас: Пораката на Шуман за вистинска солидарност е поактуелна од кога било

Атина, 9 мај 2025 (МИА) – Во меѓународната средина што брзо се менува, зајакнувањето на европската стратешка автономија, одбранбената заштита на нашиот континент, како и почитувањето на нашите вредности и принципи, заедно со одржувањето блиски врски со пријателите и сојузниците, претставуваат сигурен компас во овие тешки времиња, порача грчкиот претседател Константинос Тасулас по повод Денот на Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателот на Грција истакна дека пораката на Роберт Шуман за вистинска солидарност „останува поактуелна од кога било“ и додаде дека „современите предизвици со кои се соочуваме повикуваат на колективна и координирана акција“.

- Во својот досегашен пат, европското семејство, а преку него и нашата земја, постигна многу: економски раст, просперитет, социјален напредок, зајакнување на своето меѓународно присуство. Сепак, пред сè, Европската Унија придонесе за обезбедување мир, гарантирање на демократијата, промовирање на човековите права и владеењето на правото, како и консолидирање на дијалогот, соработката и солидарноста, нагласи Тасулас.

За Денот на Европа, порака упати и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, кој рече дека „во период на геополитичка нестабилност, мора да ги интензивираме напорите, како на европско, така и на меѓународно ниво, за да ги одбраниме вредностите на демократијата, слободата и човечкото достоинство“.

- Грција, како една од најстарите земји-членки на Европската Унија, останува цврсто посветена на проектот за европска финализација, односно на обезбедување на мирна, обединета и просперитетна Европа. Во средина на последователни кризи и современи предизвици, нашата земја продолжува систематски да работи за Европа со ориентација, стратегија и силен отпечаток во меѓународната средина, порача Герапетритис. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан