Тасулас и Мицотакис ја повторија грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан
- Грција има стратешки интерес да биде протагонист во поддршката на напорот за ЕУ интеграција на сите земји од Западен Балкан, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас, а во пресрет на денешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 17 декември 2025 (МИА) – Грција има стратешки интерес да биде протагонист во поддршката на напорот за ЕУ интеграција на сите земји од Западен Балкан, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас, а во пресрет на денешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Тасулас на нивната средба разговараа за низа актуелни прашања, а се осврнаа и на европската перспектива на регионот, а грчкиот премиер го информираше претседателот за Европскиот совет што попладнево ќе започне со средба со лидерите на Западен Балкан.
- Волјата на Грција да застане покрај земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија е факт. Критериумите за овие земји се поставени високо. Реформите што треба да се спроведат се важни, но Грција има стратешки интерес да биде протагонист во поддршката на овој напор за сите земји од Западен Балкан, нагласи Мицотакис.
Грчкиот претседател истакна дека и за време на неговата посета на Црна Гора минатата седмица и по вчерашната средба со министерката за надворешни работи на Албанија, согледал и сфатил колку Грција, уште од Самитот во Солун му помага на регионот на патот кон Унијата.
- Мислам дека оваа разврска и желбата на земјите од Западен Балкан да се приклучат кон Европа, потврдуваат дека Европа, и покрај сè што се зборува за слабост, или за тоа дека е ослабена или дека не може да одговори на својата улога, сепак сè уште има привлечност и ужива углед во очите на големи делови од населението кои по секоја цена сакаат да се интегрираат, бидејќи така ќе ја чувствуваат стабилноста и благосостојбата како свои сојузници, нагласи Тасулас.
Грчкиот премиер попладнево замина за Брисел каде што ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, а утре на Самитот на Европскиот совет. ср/ми/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер