• понеделник, 23 декември 2024

Танцова претстава, филмска претпремиера, изложби за 50 години јубилеј на Францускиот институт во Скопје

Танцова претстава, филмска претпремиера, изложби за 50 години јубилеј на Францускиот институт во Скопје

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Францускиот институт во Скопје годинава слави пет децении од своето основање и мисија за промоција и презентација на француската култура, мисла и јазик во земјава, и и влог во културната размена меѓу Северна Македонија и Франција.

Иго Бештел, директорот на Францускиот институт, во разговор за МИА говори за значењето на овој голем јубилеј, што ќе го одбележат вели со најдоброто од Франција - мошне атрактивна и разновидна програма која ќе се реализира под мотото “извонредност и иновација“.

-За нас овој јубилеј навистина претставува голем момент поради тоа што Францускиот институт е најстарата странска институција која што е присутна тука во Скопје и во Северна Македонија. Тоа е на некој начин потврда на долготрајнотото пријателство кое ги поврзува Франција и Северна Македонија, вели меѓу другото Бештел.

Отворањето на прославата за 50-годишнината на Францускиот институт е со танчерската претстава „Мозаик“ на светски познатиот кореограф Мурад Мерзуки која утре вечер во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе ја изведе француската театарска група „Кафиг“ .

Ова ексклузивното гостување на „Кафиг“ со танцовиот перформанс „Мозаик“, е подготвено во соработка со Танц фест Скопје 2024, со чиј настап ќе биде затворено и годинашното 20. издание на танцовиот фестивал. Меѓу содржините е и проекцијата на филмот кој го отвори годинашниот Кански фестивал, „Втор чин“ од Кантен Дипје, кој ќе биде прикажан како претпремиера  за целиот балкански регион на 5 јуни во Синеплекс, а програмата завршува на 28 јуни со уличен театар низ улицата „Македонија“.

Во сторијата збогатена со видео изјави што МИА ќе ја објави утре Бештел  се осврнува и на проектите на Францускиот институт,  за перцепцијата што Франузите ја имаат за земјава и за регионот, воопшто, и улогата на културата во реобликување на тој имиџ кој доминантно се поврзува со случувањата од распадот на поранешна Југославија.  

Во изминатите 50 години Институтот успеа да изгради и се наметне со свој препознатлив идентитет пред се преку своите активности како едукативен центар, но и да придонесе за културната динамика во градов и земјава со организирањето на најразновидни културни настани, филмски проекции од новата француска продукција, предавања и гостувања на познати автори и интелектуалци од Франција. вг/

Фото и Видео: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан