Сузан Сарандон исклучена од матичната агенција за филмски и ТВ-улоги
- Холивудската агенција за посредување „УТА" ја прекина соработката со глумицата како нивна клиентка, откако таа говореше на пропалестински митинг околу војната Израел-Хамас овој викенд
Лос Анџелес, 22 ноември 2023 (МИА) - Холивудската агенција за посредување „УТА" ја прекина соработката со глумицата Сузан Сарандон како нивна клиентка, откако таа говореше на пропалестински митинг околу војната Израел-Хамас овој викенд, потврди претставник на агенцијата за „Дедлајн“ (Deadline).
Оскаровката присуствуваше на неколку собири за „поддршка на Палестина“, охрабрувајќи ги и другите да проговорат во таа насока.
На еден собир Сарандон рече дека „американските Евреи, кои се плашат за својата безбедност поради порастот на антисемитизмот сега сфаќаат какво е чувството да се биде муслиман во оваа земја“.
- Луѓето се преиспитуваат, кажуваат став, се едуцираат, луѓето се оддалечуваат од перењето мозок што почна кога биле деца, изјави Сарандон на митингот. - Бидете силни, трпеливи, јасни и застанете до секого кој има храброст да говори гласно, додаде таа, заблагодарувајќи ѝ се и на еврејската заедница којашто ја поддржува.
Глумицата е активна и на својот интернет-простор.
„Цел мој живот го минав гласно говорејќи против авторитаризмот и угнетувањето каде и да го видам. Кога бев дете, по (Втората светска) војна, името на Ана Франк често се спомнуваше во нашата куќа. Таа ми стана постојан потсетник за тоа што се случува кога фашизмот ќе остане неконтролиран. Моите родители се бореа против нацистите во Втората светска војна, а татко ми ја плати крајната цена“, напиша Сарандон.
По нападот на Хамас на 7 октомври, во којшто загинаа најмалку 1.200 Израелци, а стотици беа одведени во заложништво, над 14.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа, вклучувајќи најмалку 5.600 деца, според Владата на окупираните територии.
И други американски филмски работници се вклучија во кампањата против тоа насилство, коешто сѐ повеќе личи на тн. тотална војна.
Сузан Сарандон, според наводите, потпишала со „УТА" во 2014 година. Таа се појави оваа година во филмовите „Сина бубачка“ (Blue Beetle) и „Можеби да“ (Maybe I Do), а имаше неколку ТВ-настапи. си/
Фото: ЕПА