• понеделник, 05 јануари 2026

Судскиот случај со ширење гласини дека Брижит Макрон е родена како маж денеска добива епилог

Судскиот случај со ширење гласини дека Брижит Макрон е родена како маж денеска добива епилог

Париз, 5 јануари 2026 (МИА) - Во Париз денеска се очекува да бидат осудени осум мажи и две жени во случајот за кибер малтретирање против првата дама на Франција,  Брижит Макрон.

Десетмината се обвинети за бројни злонамерни изјави за полот на сопругата на претседателот, како и за нејзината разлика во годините со Емануел Макрон. Некои од изјавите вклучуваа обвинувања за педофилија. Обвинетите се соочуваат со затворска казна до две години.

Случајот произлегува од теорија на заговор што циркулира на социјалните медиуми од изборот на Емануел Макрон за претседател во 2017 година, во која се тврди дека Брижит Макрон е трансродова жена и е родена како маж. 

Сопружниците Макрон претходно презедоа правни мерки против ваквите тврдења.

Меѓу обвинетите е и Орелиен Поарсон-Атлан (41), промотер и специјалист за маркетинг кој работел на социјалните мрежи под псевдонимот Зое Саган, а кого обвинителството го смета за еден од клучните актери во ширењето лажни тврдења за Брижит Макрон.

Обвинета е и Делфин Ј. (51), жена која се претставувала како медиум, новинарка и информаторка под името Амандин Рој, а чија сметка на платформата X оттогаш е суспендирана. Медиумските извештаи наведуваат дека таа одиграла важна улога во популаризацијата на теориите на заговор.

Исто така, пресуда чека и блогерката Наташа Реј, која претходно беше осудена за клевета за слични тврдења, иако таа пресуда подоцна беше поништена по жалба. Обвинети се вкупно осум мажи и две жени на возраст меѓу 41 и 60 години, а тие се луѓе од различни профили, вклучувајќи наставници, ИТ специјалисти и локални службеници, чии имиња не се познати на јавноста.сд/јт/

фото.ЕПА

Остани поврзан