• петок, 22 ноември 2024

Судот ги прифати предлозите за 30-дневен притвор на седумчлената организирана криминална група осомничена за криумчарење на мигранти

Судот ги прифати предлозите за 30-дневен притвор на седумчлената организирана криминална група осомничена за криумчарење на мигранти

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) – Судот ги прифати предлозите на Јавното обвинителство за изрекување на 30-дневен притвор на седумчлената организирана криминална група која се сомничи дека на територијата на државата извршувала кривични дела криумчарење на мигранти.

Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, акцијата со кодно име „Кипер“ е резултат на предистражна постапка што се спроведувала од септември 2023 година до месец јуни годинава, во која од слобода се лишени пет лица, едно лице е веќе на издржување мерка притвор во КПУ Затвор Скопје за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, додека на другото лице кое е во бегство му е определена мерката притвор во отсуство во друг кривично-правен настан. При извршените претреси биле пронајдени и одземени патничко моторно возило, прашкаста материја, вага и мобилни телефонски апарати што лицата ги користеле за извршување на кривичното дело.

– Предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест македонски и еден српски државјанин. Постои основано сомнение дека првосомничениот како организатор на криминалната група е сторител на кривичните дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ од член 418-в и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б, петмина од останатите сомничени се товарат дека се сторители на истите кривични дела како членови на групата, додека на седмоосомничениот му се става на товар дека помагал во извршување на кривичното дело „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“, се наведува во соопштението.

Според обезбедените докази од предистражната постапка во текот на 2023 година и 2024 година, додаваат од Обвинителството, првоосомничениот заедно со две лица – странски државјани и тоа едно идентификувано лице по потекло од Пакистан и Н.Н лице државјанин на Република Србија се здружиле и организирале меѓународна криминална група во земјава. 

Оваа група, од Јавното обвинителство велат дека била дел од меѓународна криминална мрежа, која заради стекнување имотна корист со однапред определени задачи извршувала кривични дела криумчарење на мигранти. Во временскиот период од месец септември 2023 година до месец јуни годинава осомничените организирале илегално пренесување на групи мигранти државјани од Сирија и други земји од блискиот и далечниот исток и земји од Африка – Ирак, Конго и Нигерија преку илегални премини на т.н. „зелена граница“.

– Првоосомничениот на организиран и претходно договорен и воспоставен начин на телефонска комуникација, користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператори и интернет комуникација, заедно со останатите двајца организатори на криминалната група го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територија на Р.С.Македонија, притоа договарајќи ги локациите каде ќе бидат пренесени, времето и местото – точната локација каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и натамошно превезување кон кумановско -липковскиот регион. Со помош на водичи т.н. „качаци“, мигрантите координирано биле водени на претходно утврдени и договорени локации, од каде „качаците“ им ја испраќале локацијата на организаторите. Првоосомничениот ги известувал останатите припадници на групата и им давал задачи за обезбедување на товарни возила и изработување на импровизирани бункери во нив за прифаќање и превезување на мигрантите, а на седмоосомничениот припадник на групата му давал задача да ги прими и подигне паричните средства исплатени за успешно извршеното криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.С.Македонија. Откако илегалните мигранти биле превезени до претходно договорените локации, првоосомничениот во договор со организаторот Н.Н лице од Република Србија го организирал понатамошно прифаќање и криумчарење од Р.С. Македонија во Р.Србија, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Петмината осомничени денеска беа изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Едно лице е веќе на издржување мерка притвор во КПУ Затвор Скопје за сторено кривично дела „криумчарење мигранти“, а за другото лице, кое е во бегство е определена мерката притвор во отсуство во друг кривично-правен настан.  ра/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан