• недела, 22 декември 2024

Судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се против туристичка такса за влез во Венеција

Судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се против туристичка такса за влез во Венеција

Венеција, 25 април 2024 (МИА) - Во Венеција денеска дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се против воведувањето туристичка такса за влез во италијанскиот град, јави Си-Ен-Би-Си.

Некои од демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон во областа на плоштадот Пиацале Рома и да влезат во историскиот дел на Венеција. Други носеа плакати на кои пишуваше „Венеција не е на продажба, таа е заштитена“ и „Не за данокот, Да за домовите и услугите за сите“.

Венеција стана првиот град во светот кој воведе такса за туристите кои го посетуваат. Од денеска тие плаќаат такса од 5 евра за посета на градот од 08:30 до 16:00 часот. Таксата не важи за жителите на регионот Венето, за луѓето кои работат, студираат или се родени во Венеција, како и за туристите кои резервирале ноќевања во градот. Деца до 14 години исто така не плаќаат туристичка такса.

Туристите со резервации за ноќевање во Венеција ќе треба да им прикажат специјален QR код преку нивните паметни телефони на службениците кои ги наплатуваат влезниците. За оние кои немаат паметни телефони, има посебни штандови со претставници на општинските власти, на кои може да им докажат дека имаат право на бесплатен пристап до градот.

Туристите кои нема да ја платат таксата може да бидат казнети од 50 до 300 евра.

Влезот првично ќе се наплатува пробно до 5 мај, а потоа во повеќето викенди до средината на јули. До крајот на годинава ќе се донесе одлука дали новата мерка ќе стане трајна.

Иницијативата е обид да се обесхрабрат туристите кои го посетуваат градот само на еден ден во време на најголемиот метеж.

Според проценките, градот минатата година го посетиле околу 15 милиони луѓе. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан