Судан: Најмалку седуммина загинати и 71 повреден во напади во Дарфур
- Најмалку седум лица загинаа, а 71 се повредени во напади извршени синоќа во Дарфур, западниот дел на Судан, соопштија денеска медицински извори, обвинувајќи ги паравоените формации за тој напад.
Картум, 31 август 2025 (МИА) – Најмалку седум лица загинаа, а 71 се повредени во напади извршени синоќа во Дарфур, западниот дел на Судан, соопштија денеска медицински извори, обвинувајќи ги паравоените формации за тој напад.
Нападите се извршени во Ел Фачер, главниот град на државата Северен Дарфур, кој е под опсада на паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кои се во војна со армијата од април 2023 година.
Извор од болницата во Ел Фачер пренесе дека најмалку седум лица загинале и 71 се повредени.
Се стравува дека бројот на жртви би можел да биде поголем бидејќи тој вклучува само жртви примени во таа болница.
Според тој извор и Локалниот комитет на отпорот, една од многуте доброволни групи кои ги документираат злосторствата од конфликтот, синоќешните напади погодиле неколку густо населени места во западниот дел на градот, во близина на аеродромот кој паравоените формации се обидуваат да го заземат.
Од април 2023 година во Судан беснее војна меѓу армијата предводена од генералот Абдел Фатах ел Бурхан, де факто владетелот на земјата од пучот во 2021 година, и паравоените Сили за брза поддршка предводени од неговиот поранешен заменик, генералот Мохамед Хамдан Дагло.
Во војната досега загинаа повеќе од 24.000 луѓе, според податоците на ОН, но активистите и групите за човекови права оценуваат дека бројот на жртви е веројатно многу поголем.
Војната предизвика и една од најлошите хуманитарни кризи во светот. Околу 13 милиони луѓе се протерани од своите домови, вклучувајќи повеќе од четири милиони кои побегнаа во соседните земји. јт/
Фото: ЕПА архива