Суданската армија потврди дека се повлекува од градот Ел-Фашер
- Генералот Ел-Бурхан зборуваше на локална телевизија и рече дека го одобрил повлекувањето за да се спречи „систематското убивање на цивили“, пренесува Би-Би-Си.
Картум, 28 октомври 2025 (МИА) - Врховниот командант на суданската армија, генерал Абдел Фатах ал-Бурхан, денеска потврди дека армијата се повлекла од своето последно упориште Ел-Фашер во западен Судан откако паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) ја презедоа контролата врз градот.
Генералот Ал-Бурхан зборуваше на локална телевизија и рече дека го одобрил повлекувањето за да се спречи „систематското убивање на цивили“, пренесува Би-Би-Си.
Тој потврди дека постигнал договор со лидерите на локалните заедници армијата да се повлече на безбедни позиции за да ги заштити преостанатите граѓани и остатокот од градот Ел-Фашер од уништување.
Обединетите нации во последните денови предупредија на извештаи за злосторства извршени од членови на РСФ и повикаа на безбеден премин за заробените цивили, но РСФ ги негира обвинувањата за убивање цивили.
Падот на Ел-Фашер би можел да означи значајна пресвртница во граѓанската војна во Судан, во која од април 2023 година загинаа десетици илјади луѓе и се раселени речиси 12 милиони.
Заземањето на овој град на РСФ му дава контрола врз сите пет клучни градови во државата Дарфур.
Генералниот директор на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „длабоко загрижен“ за ситуацијата во Ел- Фашер и ги осуди „кршењата на меѓународното хуманитарно право“.сд/
фото:Х