• недела, 21 јули 2024

Струмичани ќе се затоплуваат поевтино со природен гас во споредба со лани

Струмичани ќе се затоплуваат поевтино со природен гас во споредба со лани

Струмица, 9 ноември 2023 (МИА) - Цената на природниот гас за од почетокот на овој месец е 50,34 денари без ДДВ, односно 59,41 со ДДВ за кубен метар, соопштија од ЈПЕД „Струмица гас“, што во споредба со истиот период лани е намалување за скоро 30 денари.

Според директорот Благој Милановиќ, оваа пониска цена се должи на намалените цени на природниот гас на светските берзи, која се очекува оваа сезона да нема големи осцилации.

-Ние сме подготвени да ги испорачаме потребните количини гас за нашите корисници и нема да има никакви проблеми. Се надевам дека цената на гасот нема да има поголеми ценовни осцилации. Гасот го набавуваме во Бугарија во компромирана состојба и најавените такси од бугарска страна за пренос на гасот нема да влијаат на нас, изјави Милановиќ.

Инаку, лани во ноември природниот гас на корисниците во Струмица им се испорачуваше по цена од 84 денари, а највисока цена имаше во септември и октомври 2022 година кога цената беше скоро 100 денари за еден кубен метар.

За домаќинствата кои користат гас за затоплување Општината веќе втора година им исплаќа субвенции во износ од 10 денари за секој потрошен кубен метар, со што за ноември домаќинствата ќе го плаќаат потрошеното по 49,41 денари. рт/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан