• понеделник, 23 декември 2024

Стружани дишат загаден воздух

Стружани дишат загаден воздух

Струга, 2 февруари 2024 (МИА) - Квалитетот на амбиенталниот воздух во Струга во определни временски интервали во текот на едно деноноќие е лош, покажуваат резултатите од единствената мерна станица во градот.

Последните високи вредности, како што информира Никола Кукунеш, асистент на проектот „Воздухот на граѓаните“ биле измерени синоќа.

- Мерната станица за квалитетот на воздухот во Струга вчера покажа високи 229 микрограми ПМ 2,5 честички, што е околу четири пати над дозволеното, вели Кукунеш.

Вредностите, според него, се највисоки во попладневните часови, односно по зајдисонцето, што асоцира дека загревањето на домовите на тврдо гориво придонесува за високото ниво на ПМ 2,5 честички.

- Најчесто високите вредности на ПМ 2,5 честички се по зајдисонце, период кога големите капацитети како училиштата, судот и други институции кои се греат на мазут, не се толкави потрошувачи, а за викенди дел од нив воопшто и не работат, но вредностите и тогаш се високи. Претпоставките се дека при загревањето на домовите се користи прегорено моторно масло, ламинат, паркет, односно производи кои при горење ослободуваат големо количество на ПМ 2,5 честички, вели Кукунеш.

Квалитетот на воздухот во Струга првпат почна да се мери од декември минатата година со поставување мерна станица во Средното училиште „Нико Нестор“ преку проект на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Во наредниот период треба да бидат поставени уште 20 мерни уреди со кои дополнително ќе се следи квалитетот на амбиенталниот воздух, во рамки на проектот „Воздухот на граѓаните“ што го реализира ИПО „Крсте Јон“, како дел од проектот „Справување со загадување на воздухот“, кој е дел од програмската рамка на УНДП, финансиран од Шведска.

- Целта за поставвање на 20 мерни уреди на територијата на Општина Струга е да детектира кои точки, во кој временски период и при какви метеоролошки услови покажуваат зголемени вредности. Тогаш, се надеваме дека Инспекторатот за животна средина при Општина Струга ќе излезе во пресрет за да можеме директно на терен да утврдиме можен причинител, изјави Кукунеш за МИА.

Доколку се утврди причинителот на загадувањето, Кукнеш вели дека би побарале можност за решавање на проблемот, ако се работи за греење преку субвенционирање да се промени начинот на греење со цел намалување на загаденоста на локално ниво.

Мерните уреди ќе бидат поставени во густо населените места во градот и околните села, а начинот за избор на локациите бил утврден преку онлајн анкета.

Во рамки на проектот „Воздухот за граѓаните“, Кукунеш појасни дека е предвидено и отворање инфо центар каде граѓаните ќе можат да се информираат за квалитетот на воздухот, да пријават евентуано загадување, кое би го процесуирале до Инспекторат и инспектор во најкраток рок да излезе на терен.

Целта на проектот е подигање на јавната свест за последиците од прекумерната загаденост на амбиенталниот воздух и неговото влијание врз здравјето на граѓаните, но и да бидат навремено предупредени кога вредностите ги надминуваат пропишаните норми. сс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан