• вторник, 14 мај 2024

СТО планира следната недела да ги одобри европските царини за увоз од САД

СТО планира следната недела да ги одобри европските царини за увоз од САД
Брисел, 19 октомври 2020 (МИА) - Европската унија треба следната недела да добие официјално одобрување за воведување царини за увоз од четири милијарди долари од САД, како одговор на спорот околу субвенциите за производителите на авиони Боинг, се наведува во документот на Светската трговска организација (СТО). ЕУ доби право да воведува тарифи во спорот со САД околу субвенциите за американскиот производител на авиони Боинг, потенцијално продлабочувајќи ги долготрајните трговски спорови поради кои Вашингтон воведе царини за стоките од ЕУ. Според правилата на СТО, Европската унија мора службено да го извести Органот за решавање конфликти (ДСБ) околу планот за воведување царини. Според агендата на ДСБ, во кој заседаваат сите 164 земји членки на СТО, ЕУ планира да го стори тоа на следниот состанок на 26 октомври. Тоа не мора да значи дека ЕУ веднаш ќе воведе царински давачки. Европската комисија, која ја координира трговската политика на ЕУ, исто така, мора да се консултира и со 27-те земји членки на ЕУ околу ова прашање. Американската Влада соопшти дека не постои законска основа по која ЕУ воведува тарифи откако беше укинат спорниот даночен кредит, позиција на која се повикува „Боинг“. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе и „возврати“ на ЕУ доколку воведе царини на американската стока. гт/

Остани поврзан