• петок, 26 април 2024

Сто милиони евра поддршка од ЕБОР за побрза и полесна транзиција кон „зелената“ агенда (ДПЛ)

Сто милиони евра поддршка од ЕБОР за побрза и полесна транзиција кон „зелената“ агенда (ДПЛ)

Скопје, 22 август 2023 (МИА) - Поддршка во финансирањето на трошоците за унапредување на производниот процес, инвестиции во нови обновливи извори на енергија и одржување на веќе изградените централи од обновливи извори, е целта на заемот вреден 100 милиони евра што го обезбеди ЕБОР за АД ЕСМ.

Договорот за заемот беше потпишан денеска во Министерството за финансии.

Заемот е со рок на отплата пет години, со грејс период од шест месеци и со варијабилна каматна стапка на шестмесечен ЕУРИБОР со маргина од еден отсто. Компанијата ќе биде корисник на средствата и ќе ги сервисира сите обврски, а државата ќе дава гаранција.

Имаме добра реализација на планот за годинава кај Буџетот по сите основи и имаме поголема реализација за периодот јануари – август во споредба со минатата година, оцени денеска министерот за

Како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими пред потпишувањето на Договорот, Владата со ова уште еднаш покажува дека има сериозен пристап во справувањето со енергетската криза.

-Денес се обезбедуваат дополнителни 100 милиони евра, поддршка за ЕСМ. Се олеснува состојбата зашто 100 милиони евра нема потреба да се дадат од Буџетот, рече Бесими.

Тој потсети дека од 2020 - 2022 година Владата реагираше брзо за справување со кризите и одвои околу две милијарди евра. Во 2023 година, пак, нагласи Бесими, за поддршка на граѓаните и стопанството се предвидени 225 милиони евра.

-Овие 100 милиони евра од ЕБОР се плус планираните 225 милиони, потенцира Бесими.

Според директорот на ЕСМ, Васко Стефанов кој се заблагодари за поддршката од ЕБОР, АД ЕСМ продолжува да се движи кон „зеленото сценарио“.  

-Планирани се повеќе проекти кои сериозно ќе влијаат земјава да биде енергетски независна. Поддршката и соработката со институции како ЕБОР се од клучно значење и ќе придонесат за побрза и полесна транзиција кон „зелената“ агенда со заложба за транзиција кон чиста енергија која има цел намалување на стакленичките гасови за 61 процент, потенцира Стефанов. 

Директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе посочи дека договорот за заем од 100 милиони евра за подобрување на ликвидноста на ЕСМ ќе и помогне на компанијата да ги подобри своите финансиски резултати и да продолжи да им нуди услуги на учесниците на пазарот на електрична енергија.

-Тоа ќе им помогне и да се намали поддршката од Владата и воедно ќе и помогне на компанијата да ги реализира своите капитални инвестиции кои се веќе почнати, рече Руе и додаде дека заемот доаѓа во критичен момент за македонската енергетска транзиција. 

Нагласи дека земјава се обврза да ја намали емисијата на стакленички гасови во атмосферата за 82 проценти до 2030 година првенствено со затворање на термоелектраните на јаглен.

-ЕСМ обезбедува 90 проценти од домашните потреби на земјата за електрична енергија и затоа е клучот за зелената транзиција, посочи Руе и додаде дека ја охрабруваат Владата да се реализира зелената транзиција и да има повеќе проекти во обновливи извори на енергија. 

Додаде дека до денеска, ЕБОР има инвестирано во земјава над 2,5 милијарди евра во 175 проекти од кои само лани се потпишани 20 проекти во вредност од 252 милиони евра, а годинава со потпишувањето на заемот ќе се дојде до бројката од 163 милион евра. 

Освен Договор за заем, во Министерството за финансии беше потпишан и Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија и ЕБОР.

На потпишувањето на договорите присуствуваа министерот Бесими, директорката на ЕБОР за Југоисточна Европа, Шарлот Руе и директорот на ЕСМ Стефанов. вј/мч/

фото: МИА

Остани поврзан