• петок, 21 февруари 2025

Предизвици на станбеното живеење во Куманово

Предизвици на станбеното живеење во Куманово

Куманово, 15 февруари 2025 (МИА) - Предизвик е да е живее во зграда, коментираат кумановки кои живеат во станови, едната на „Октомвриска револуција“, другата во зграда во центарот на Куманово. Проблемите најчесто се однесуваат на одржување на заедничките простории, но и поради несоодветното однесување од некои граѓани.

- Во суштина мислите дека ги заклучувате вратите и си живеете во својот дом во мир и тишина. Ама ете во секоја зграда има по некој „мајстор“ кој обично средува во недела, ги знаете звуците на бушење, обично во неделите рано, пред прво кафе, вели 41 годишна кумановка која живее во центарот.

Неколку пати го предупредила „мајсторот“ на неговото однесување, по што го пријавила кај станбениот домар. По неколку совети, неформални состаноци веќе нема таков проблем.

Шеесетгодишната Виолета која живее во зграда во центар на Куманово, вели дека низ децениите се сменила структурата на население кое живее во центарот.

- Еден период бевме доведени во состојба да ги „поучиме“ младите дека ќеса со ѓубре не се фрла од петти кат, не се фрлаат влажни марамчиња во тоалет, по што моравме да ја чистиме канализациската мрежа и потрошивме речиси цел резервен фонд, вели Виолета, која живее во стан веќе 40 години.

Ваквите состојби добро им се познати на станбените домари. Дел од станарите не се појавуваат ниту на состаноци. Управителите велат дека се однесуваат како посредници при нарушени меѓусоседски односи.

- Како пример може да се издвои став на сопственик на посебен дел, кој оспорува работа поради нарушени меѓусоседски односи или одбива изведување на работи во посебен дел, пример замена на каналска или водоводна вертикала затоа што сопственикот на посебен дел претходно има извршено реновирање во посебен дел. Поради вакви ситуации доаѓаме во развлекување на работа дури и влегување во бирократски или правни разврски, вели Емилија Цветковиќ од „Ројал“.

Мал резрвен фонд, крупни инфраструктурни проблеми

Поплаките стигнале и до општинскиот инспекторат. Оттаму велат дека најголем проблем имаат со станари кога се жалат на комунални проблеми.

- Кумановци сметаат дека станбените управители треба да поведат иницијатива проблемите, но напротив иницијативата треба да почне од станарите преку надзорните одбори за да се надмине проблемот кој најчесто се однесува на заедничките простории, изјави Бобан Бојковски од сектор за инспекциски надзор.

Проблемите се повторуваат, понекогаш меѓусоседски спорови се обидува да ги реши станбениот домар, во одредени случаи станарите го пријавуваат домарот до општинската инспекција која организира средби и состаноци. Речиси сите се сложуваат дека не се одвојуваат доволно средства за резервниот фонд.

- Едни од најчестите предмети доставени од сопствениците се дека управителот не ги исполнува обврските односно не ги почитува одлуките на сопствениците и не се грижи за одржување на хигиената, не ги исполнуваат обврските при престанување на управувањето односно не изготвуваат завршен извештај за своето работење кој содржи и детален финансиски извештај. Средствата евидентирани на сметката на денот на престанување на договорот управителот е должен да ги пренесе на сметката што за станбената зграда ја отворил новиот управител во рок од осум дена, изјави претседателот на регулаторната комисија за домување, Зоран Маџовски.

Управителите, велат дека станарите не секогаш се заинтересирани ниту за состаноци, често нема кворум што ја одолговлекува постапката. Има станари кои не дозволуваат да влезе мајстор за да се поправи цевка по вертикала. Посебен проблем се становите во кои не живее никој или е купен и не се издава или пак сопствениците се иселени.

- Најголеми проблеми настануваат кога ќе имаме проблем помеѓу станови што се не се заедничка просторија е тогаш настанува проблем затоа што сепак, стабилен управител не може да реагира во сопственост во приватна сопственост, вели Бојковски.

И од станбените домари велат дека тука не можат да интервенираат, бидејќи сопственици на посебните делови кои се надвор од државата немаат доставено контакт информација за назначено лице кое ќе се грижи во нивно отсуство.

Во секторот за инспекциски надзор најмногу поплаки стигнуваат поради замена на дотраени канализациска и водоводна цевка по вертикала и замена на покрив. Согласноста треба да ја дадат 50 + 1 процент од станарите.

- Дел од зградите имаат мал резервен фонд така што овие суштински проблеми не можат да ги решат, вели Бојковски.

Станбените управители велат дека навременото намирување на месечните обврски во Куманово е ниско. Наплата се движи до 30 проценти на посебните делови.

- Најголем дел на сопственици се навикнати на минимални надоместоци за услуги, а од друга страна имаат желби за повисок квалитет на услугите. Смешни се споредбите кога ќе видите дека се издвојуваат 50 или 100 денари за резервен фонд, додека кутија цигари 150-200 денари. Со еден збор бараат „германски“ квалитет за минимален надоместок, вели Цветковиќ.

Одземени лиценци не го решаваат проблемот, потребно допрезицирање на законот

Дел од станарите не биле задоволни од услуги кои ги нудат станбените управители. Во Куманово изминатиов период беше одземена дозволата на еден субјект. Од регулаторна комисија за домување информираат дека на ниво на државата од 2010 година до декември 2024 година Регулаторната комисија за домување донела 33 решенија за одземање лиценца на управители за вршење на дејностите на управување со станбени згради, 18 правни лица ги вратиле лиценците, на 12 правни лица им изминал рок на важност на лиценца и еден субјект е во ликвидација. На подрачјето на државата има 70 правни субјекти, на ниво на Куманово пет.
Од секторот за инспекциски надзор сметаат дека законот за домување може да се допрецизира. Како општински инспекторат поднеле и предлог да се зголеми бодот, а со тоа и самиот резервен фонд.

- Во моментот кога немаме друг начин, оставаме судот да ги разреши споровите, вели Бојковски.

Во Куманово само еден инспектор е задолжен за 305 згради кои имаат станбен домар и една со заедница на станари.

- Според податоците добиени од Централниот регистар на Република Северна Македонија, до средината на месец декември 2024 година во Република Северна Македонија има регистрирано вкупно 2.485 (две илјади четиристотини осумдесет и пет), информираат од Регулаторна Комисија за домување.

Управителите пак велат дека поради недоследности дел од фирмите се откажале од работата. Тие бараат зголемување на бодот, рамномерно порамнување по моменталните цени, вклучување на државата која треба да ги субвенционира примателите на социјална помош, решавање на наплатата на деловните единици кои се во сопственоста фирми кои се во стечајна постапка, отуѓување на посебен дел со отворен долг без да се информира новиот сопственик, кој следствено го наследува и долгот …

Сепак, сите се сложуваат дека е потребно и едукација, јасно истакнати правила на заедничко живеење и особено култура на заедничко живеење. 


Александра Максимовска 


Фото: МИА

Остани поврзан