„Стоп за лоши навики“ - нов проект на ЗЛС за подигнување на свеста за здрав животен стил
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 12 октомври 2024
Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) наскоро ќе започне со спроведување на новиот проект под наслов „Стоп за лоши навики“, чија главна цел е подигнување на јавната свест за значењето на здравиот животен стил и бенефитите што произлегуваат од него. Овој проект, кој треба да биде имплементиран до крајот на 2024 година, има за цел да ги информира и едуцира македонските граѓани за важноста на донесувањето свесни и информирани одлуки кои можат значително да го подобрат квалитетот на нивниот живот.
Проектот се темели на фактот дека одржувањето на здравиот животен стил не е само индивидуален избор, туку и општествена одговорност. Со оглед на тоа што кардиоваскуларните заболувања во моментов се и ќе останат водечки причинители на морбидитет и морталитет во светот, потребата од акција е повеќе од очигледна. Проектот има за цел да ја мобилизира и едуцира јавноста, како и да обезбеди алатки и ресурси за да се направат вистинските чекори кон подобро здравје.
Како дел од амбициозниот проект, ЗЛС ќе изработи и објави прв водич за здрави животни навики во нашата земја. Овој водич ќе биде резултат на соработка помеѓу искусни лекари, специјализанти и специјалисти од различни медицински области, во тесна соработка со нутриционисти и фитнес тренери. Водичот ќе биде практичен и лесен за користење, со цел да им обезбеди на граѓаните информации и препораки за одржување на здрав начин на живот, како и насоки за справување со најчестите ризик-фактори кои водат до хронични заболувања.
Проектот „Стоп за лоши навики“ има за цел да го подигне нивото на свест за важноста на модифицирачките ризик-фактори, како што се хипертензијата, дијабетот, обезноста, нарушениот метаболизам на мастите, физичката неактивност, несоодветната исхрана и пушењето. Според бројни статистики, во развиените земји се забележува тренд на намалување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања, додека во земјите во развој, како што е Македонија, сè уште постои нагорен тренд. Оваа состојба бара итни мерки и акција, што е токму и целта на овој проект.
Во рамките на проектот, ЗЛС ќе организира и серија настани, вклучувајќи и панел дискусија под наслов „Стоп за лоши навики! Време е за промена - одлучи денес". Оваа дискусија на едно место ќе собере еминентни лекари и професионалци од различни области, кои ќе ги разгледаат и разменат своите ставови и искуства за предизвиците и бенефитите од здравиот животен стил. Учесниците ќе имаат можност да добијат одговори на бројни дилеми поврзани со здравите животни навики, како и да научат за значењето на раната интервенција и превенција, особено кај лицата со зголемен ризик.
„Стоп за лоши навики“ претставува повик до сите граѓани на Македонија да преземат активна улога во подобрувањето на своето здравје и благосостојба. Овој проект не е само за поединците, туку за целата заедница - затоа што секој од нас може да направи разлика. Време е за промена, и таа промена започнува со одлуката што ќе ја донесете денес.
Здружение на лекари специјализанти
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.