• понеделник, 10 јуни 2024

Стипендии на заедничка програма меѓу Фондот за Западен Балкан и Вишеградскиот фонд

Стипендии на заедничка програма меѓу Фондот за Западен Балкан и Вишеградскиот фонд

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) -  Отворена е прва заедничка програма меѓу Фондот за Западен Балкан  (WBF) и Вишеградскиот фонд „The Western Balkans - Vishegrad Fellowship“ наменета за академската заедница од двата региона за понатамошно зајакнување на мобилноста, размената и соработката.

Стипендиите за Западен Балкан-Вишеград (пилот програма), нудат финансирање за истражувачи и научници во две главни насоки - граѓаните на V4 земјите може да аплицираат до релевантните институции домаќини во Западот Балканот (WB6) и граѓаните од регионот WB6 може да аплицираат до релевантните институции домаќини во V4 земјите.

-Стипендиите за Западен Балкан-Вишеград им дозволуваат на граѓаните на WB6 да аплицираат за краткорочни стипендии во V4 истражувачки институции (во Чешка, Полска, Унгарија или Словачка). Реципрочно, кандидатите за V4 може да аплицираат за стипендии во институциите на WB6 (во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово* или Србија). Програмата е заеднички финансирана од Меѓународниот Вишеградски фонд и Фондот за Западен Балкан, наведува Министерството за образование и наука во објавата. 

Стипендиите се обезбедуваат за ограничен период кој се движи од две до десет недели во текот на кој соодветниот соработник треба да спроведува (или учествува во) истражување, да одржува предавања или семинари на високообразовно ниво или да проучува или прегледува одредени групи на писмени или други материјали достапни во јавните архиви или библиотеки.

-Стипендијата секако ќе послужи за дополнително зголемување на интересот, мобилноста и размената помеѓу академиците/истражувачите од нашите соодветни региони, наведува МОН во информацијата за заедничката програма каде што се наведени условите и начинот на пријавување на порталот за апликации кој е отворен до 15 јуни 2024.

Предвидените стипендии може да почнат најрано во септември 2024 година и мора да бидат склучени до јуни 2025 година.

Повеќе информации се достапни на официјалната интернет-страница: www.westernbalkansfund.org .хс/са/

Фото: МИА архива 

 

 

 

Остани поврзан