Стив Бенон на слобода по четиримесечна затворска казна за непочитување на Конгресот
- Стив Бенон излезе денеска од затвор по отслужена четиримесечна затворска казна поради одбивање да сведочи во Конгресот околу истрагата на Претставничкиот дом за нападот на Капитолот на 6 јануари 2021 година.
Вашингтон, 29 октомври 2024 (МИА) - Стив Бенон излезе денеска од затвор по отслужена четиримесечна затворска казна поради одбивање да сведочи во Конгресот околу истрагата на Претставничкиот дом за нападот на Капитолот на 6 јануари 2021 година.
Неговото излегување од затвор го потврди Федералното биро за затвори, јавија дел од американските медиуми.
Влијателниот десничарски подкастер и долгогодишен политички советник на Доналд Трамп беше во центарот на вниманието после двегодишниот судски процес за одложување на казната, но сепак судија порано оваа година нареди дека тој треба да се пријави пред затворските служби. Тој беше затворен додека претседателот Џо Бајден се уште беше претседателски кандидат на демократите.
Во неговата онлајн емисија насловена „Воена соба“, тој пред да биде затворен продолжуваше да шири лажни тврдења дека изборите во 2020 година биле украдени, поддржувајќи конзервативни цели и предлагајќи државните јавни обвинители и окружните обвинители да покренат обвиненија против демократите. Тој сега ќе биде во можност да учествува во политички дискусии, имена на една недела пред изборите.
Во јули 2022 година Бенон (70) беше прогласен за виновен за непочитување на Конгресот, како еден од најблиските луѓе на Трамп осуден за кривично дело поврзано со нападот на Капитол. Во изминатите пет децении само тој и Питер Наваро, поранешниот советник за трговија на Трамп, биле затворени за одбивање конгресна покана. кб/
Фото: МИА архива