• недела, 22 декември 2024

Номинираниот еврокомесар за внатрешни работи најавува можно тројно зголемување на припадниците на Фронтекс 

Номинираниот еврокомесар за внатрешни работи најавува можно тројно зголемување на припадниците на Фронтекс 

Брисел, 30 октомври 2024 (МИА) – Кандидатот за нов еврокомесар за внатрешни работи и миграција, Австриецот Магнус Брунер најави дека би го поддржал евентуалниот предлог за тројно зголемување на постојаниот состав на европската Агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) на 30.000 припадници. 

Ваквата најава Брунер ја даде во писмен одговор на прашање на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот парламент (ЛИБЕ), пред кој ќе биде сослушуван следната недела. 

Брунер во одговорот посочува дека би сакал Фронтекс „подобро да им помага“ на земјите членки на ЕУ при репатријацијата на мигрантите чии барања за азил се одбиени, да има поголема вклученост во операциите против криумчарењето мигранти во трети земји, како и да биде во можност да „дава посилен“ одговор на хибридните закани на надворешните граници на Унијата. 

Ваквите најави на Брунер доаѓаат во време на се позачестени барања за подобра заштита на надворешните граници на ЕУ и за поголема ефикасност при депортирањето на илегалните мигранти од Унијата во нивните матични земји. 

Сепак, за спроведување на предлозите на Брунер, ќе биде потребна промена на надлежностите на Фронтекс, за што ќе треба да биде извршена измена на Регулативата за Агенцијата, процес за кој има сложена процедура во ЕУ.  

Во коментар на одговорот на Брунер, политичката аналитичарка од бриселскиот Центар за европска политика, Анастасија Карацас, за „Еурактив“ вели дека ваквите планови и идеи на новиот еврокомесар за внатрешни работи и миграција, ќе треба да бидат поддржани и со зголемени финансиски средства за потребите на Фронтекс. 

Но, врз најавите за засилување на улогата на Фронтекс сенка фрлаат серијата обвинувања изнесени во изминатиот период на сметка на припадниците на Агенцијата, вклучително и за нивна вмешаност во илегален транспорт на мигранти, за не пружање помош на лица кои се во неволја, како и за соучесништво во понижувачки и незаконски притворања. 

Како резултат на овие обвинувања, актуелниот француски европратеник од редовите екстремно десничарскиот Национален собир, Фабрис Легери во 2022 година беше принуден да поднесе оставка на функцијата директор на Фронтекс. 

И покрај обидите за воспоставување на мерки за спречување на ваквите илегални практики, сепак, според експертите, и натаму останува загриженоста од можноста за нивно продолжување. 

Според прелиминарните податоци на Фронтекс, во првите девет месеци од оваа година се регистрирани околу 166.000 нелегални премини преку надворешните граници на Европската Унија, што претставува намалување на нивниот број на годишно ниво за 42 отсто. 

Најголеми намалување на илегалните премини на границите има долж западнобалканската рута од 79 проценти и на централномедитеранската од 64 отсто. Од друга страна бројот на илегални премини преку источната копнена граница на ЕУ е зголемен за 192 отсто, а преку западноафриканската рута за 100 проценти. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан