• недела, 22 декември 2024

Стефковски: Ќе се отстранат сите дивоградби во Гази Баба за кои има соодветни пријави

Стефковски: Ќе се отстранат сите дивоградби во Гази Баба за кои има соодветни пријави

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска на настанот по повод отварањето на дневен центар за лица со попреченост, на новинарско прашање во врска со дивоградбите во општината истакна дека нема да дозволи дивеење во Гази Баба и оти законот ќе важи подеднакво за сите.

- Секторот за инспекциски надзор постапува по неколку пријави, вклучително и по пријавата за дивоградбата која се наоѓа зад Поликлиниката и верувајте дека во Гази Баба нема да има толеранција и ќе го спроведеме овој закон до крај и во таа насока ќе се реализира отстранување на сите дивоградби за кои имаме соодветни пријави, рече Стефковски.

Во врска со проблемот со снабдувањето со парно греење на жителите од Автокоманда, Стефковски истакна дека одамна е запознаен со нивниот проблем и дека за него не е логично тоа што во сред грејна сезона им е променат снабдувач, односно од Енергетика се префрлени во ЕСМ.

- И во тој период и сега пуштив јас писмено барање, тогаш до енергетика, сега до ЕСМ, да направиме заеднички состанок со претставници од урбаната заедница Автокоманда и со претставнициод ЕСМ, со цел да изнајдеме соодветно решение, истакна градоначалникот и додаде дека барањето на жителите е да се вратат на претходниот снабдувач на енергетика.

Стефковски најави дека вечер повторно ќе има протест на кој ќе присуствуваат и претставници на ЕСМ и локалната самоуправа. сан/нд/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан