• четврток, 20 февруари 2025

Стармер подготвен да испрати британски војници во Украина заради гарантирање на мирот

Стармер подготвен да испрати британски војници во Украина заради гарантирање на мирот

Лондон, 17 февруари 2025 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер е подготвен да испрати британски војници во Украина, доколку е потребно, за да го гарантира мирот по евентуалниот договор.

Во статија објавена во весникот „Дејли телеграф“, тој нагласува дека ќе испрати војници доколку тоа е неопходно за безбедноста на Велика Британија и Европа.

- Велика Британија има клучна улога во поддршката за Киев против руската агресија, што значи дека сме подготвени и достапни да придонесеме за безбедносните гаранции на Украина, вклучително и испраќање на наши војници на терен, доколку е потребно, изјави Стармер.

- Ова не го велам лесно. Длабоко ја чувствувам одговорноста што ја носи можноста британски војници да бидат ставени во опасност, додаде тој. - Но секоја улога во обезбедувањето на безбедноста на Украина е истовремено и заштита на безбедноста на нашиот континент и нашата земја, потенцира британскиот премиер.

- Крајот на оваа војна, кога ќе дојде, не смее да биде само привремена пауза пред Путин повторно да нападне, предупреди шефот на британската Влада..

Стармер денеска ќе се приклучи на лидерите на неколку европски држави во Париз, во момент кога Европа размислува за стратегија како да одговори на инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп за договор со Русија и стравувањата дека САД можат да ги намалат своите одбранбени обврски на континентот.

Стармер истакна дека кризата е една од оние што се случуваат еднаш во генерација и дека поставува егзистенцијално прашање за Европа.

Британскиот премиер вети дека неговата земја до 2030 година ќе започне да издвојува три милијарди фунти годишно за одбрана.

Стармер, исто така, објави дека во наредните денови ќе се сретне со американскиот претседател. Тој додаде дека Велика Британија има уникатна улога во обезбедувањето тесна соработка меѓу Европа и САД.

- Американската поддршка останува од суштинско значење, а американските безбедносни гаранции се клучни за траен мир, бидејќи само САД можат да го разубедат Путин од нов напад, нагласи Стармер. ссм/

фото: архива

Остани поврзан