• сабота, 13 декември 2025

Стармер и Моди разговараа за Украина и енергетската зависност на Индија

Стармер и Моди разговараа за Украина и енергетската зависност на Индија

Њу Делхи, 9 октомври 2025 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер и индискиот премиер Нарендра Моди разговараа за војната во Украина и за енергетската зависност на Индија од фосилни горива за време на нивната средба во Мумбај.

Стармер го повика Моди да се оддалечи од зависноста од фосилни горива и ја поддржа долгогодишната цел на Индија да го заземе своето „заслужено место“ во Советот за безбедност на ОН.

Моди, пак, изјави дека сака војната во Украина да заврши преку „дијалог и дипломатија“. Индија продолжува да купува руски фосилни горива, што го финансира воениот напор на Москва, додека западните земји ги заоструваат санкциите.

На средбата во палатата Раџ Баван, Стармер ја опиша Индија како „глобален играч“ и истакна дека се разговарало и за стабилност во Индо-Пацификот и за соработка во критични области како климата и енергетиката. Тој, исто така, најави дека Велика Британија и Индија ќе ја продлабочат безбедносната соработка, вклучувајќи поблиска работа на вештачка интелигенција и оружје.

Моди го пофали Стармер за „значајното унапредување“ на односите меѓу Велика Британија и Индија со потпишаниот трговски договор, а посетата со најголемата деловна делегација досега е сведоштво за „новата енергија“ во односите.

Посетата резултираше со нови економски и културни врски, вклучително и дополнителни дневни летови и нови Боливудски продукции во Велика Британија. Од новите трговски договори се очекува да се отворат околу 7.000 работни места во Велика Британија, вредни околу 1,3 милијарди фунти. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан