• недела, 22 декември 2024

Стано: Русија продолжува да ја користи храната како оружје 

Стано: Русија продолжува да ја користи храната како оружје 

Брисел, 10 октомври 2024 (МИА) - Со нападите врз бродовите што превезуваат украинско жито, Русија продолжува да ја користи храната како оружје и да го попречува снабдувањето со храна на луѓето на кои таа им е најпотребна, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Изминативе денови ескалираа руските напади врз цивилните бродови во Црното Море што превезуваат украинско жито, дополнително поткопувајќи ја глобалната безбедност на храната и слободата на пловидбата, рече Стано. 

Според него, сите овие напади се надополнување на обидите на Русија за уништување на складиштата со житни култури во Украина и на пристанишната инфраструктура со секојдневни целни напади, како и на кражбата на украинско жито. 

- Овие акти се доказ дека Русија е решена дополнително негативно да влијае на глобалната безбедност на храната, не толку во Украина или во Европа, туку за ранливите категории луѓе во земјите од Азија, потенцира Стано. 

Тој посочи дека вчера во украинското пристаниште Одеса со балистички ракети беа погодени два брода, едниот од Панама, а вториот од Палау, при што загинаа најмалку седум лица, а 11 беа повредени. 

- Пред неколку дена беше нападнат и брод од Сент Китс и Невис, а минатиот месец Русија ракетираше брод што превезуваше жито за Египет, а претходно и за Турција. Дури и брод од Турција беше цел на овие напади, иако Путин тврди дека сите овие земји се пријателски настроени (кон Русија), рече Стано. 

Тој нагласи дека ваквите постапки на Москва се одговор на сите оние кои тврдат дека е можен мир со рускиот претседател Владимир Путин и ги повика сите земји во светот да ги осудат овие напади врз слободата на пловидбата и глобалната безбедност на храната, како и да извршат притисок врз Русија за запирање на нападите и на илегалната агресија врз Украина. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан