Стабилна состојбата во Старо Нагоричане, се чисти дрвната маса од Пчиња кај мостовите
- Стабилна е состојбата во општина Старо Нагоричане по вчерашното излевање од коритото на Пчиња кај Пелинце во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, информираа денеска надлежните. Расчистувањето продолжува и денеска соопшти градоначалникот на општината, Мирослав Славковски.
Куманово, 20 ноември 2025 (МИА) - Стабилна е состојбата во општина Старо Нагоричане по вчерашното излевање од коритото на Пчиња кај Пелинце во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, информираа денеска надлежните. Расчистувањето продолжува и денеска соопшти градоначалникот на општината, Мирослав Славковски.
- Денеска се расчистуваше кај мостот кај Пелинце и Коинце. Немаме пријави за штети, изјави Славковски.
Директорот на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, Дарко Живковски, кажа дека е завршено расчистувањето со механизација кај мостот кај Коинце, а се продолжува кај мостот кај Пелинце подолу од меморијалниот центар.
-Заеднички со претпријатија од Куманово и Старо Нагоричане спречивме поголемо излевање на реката Пчиња кај Пелнице, изјави Живковски.
Инаку, денеска нивото на Пчиња е 84 сантиметри што е двојно повисоко од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметар.
Тој дополни дека претпријатието изминатиов период ги расчистувало и проширило коритата на критичните точки кај Клечовце, каде е исчистено коритото во должина од километар, исчистено е и кај селата Довезенце, Јачинце, реката во село Табановце, но и Липковка (од село Лопате до Бедиње) од и Којнарка каде ќе продолжи расчистувањето кон Средорек, а е почнато од Горно Којнаре. ам/са/
Фото: МИА