• среда, 10 април 2024

Тошковски, Буши и Бојмацалиев се сретнаа со австрискиот амбасадор Памер

Тошковски, Буши и Бојмацалиев се сретнаа со австрискиот амбасадор Памер

Скопје, 26 февруари 2024 (МИА) - Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик министерот Назим Буши и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев денеска имаа работна средба со амбасадорот на Австрија Мартин Памер на која Тошковски го запозна амбасадорот со функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада и неговата одговорност во спроведувањето на изборите кои престојат при што му посочи дека моменталното раководство во МВР заеднички вложува напори и се залага овие избори да бидат европски, фер и демократски.

Како што информираат од МВР, на средбата Тошковски го поздрави разбирањето на земјите членки на ЕУ кое го имаат во однос на техничката природа на прашањето за проблемот со патните исправи, изразувајќи волја за надминување на овој проблем.

Во оваа прилика дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка и уште еднаш ја потврди примарната обврска на која се обврза тој во рамките на оваа техничка Влада, а тоа е организирање на фер, слободни и демократски изборен процес.

-Амбасадорот Памер стави акцент на досегашната соработка, која треба да продолжи да се развива и во иднина. Австрија е голем поддржувач на нашиот европски пат. Во однос на македонските патни исправи истакна дека Австрија има разбирање за овој проблем и излегува во пресрет на македонските граѓани кои непречено го остваруваат правото на слободно движење во Австрија со старите обрасци доколку истите имаат валиден рок и регулиран престој во Австрија, соопшти МВР.

На крајот од средбата, се вели во соопштението, Тошковски изрази уверување дека соработката во рамки на веќе отпочнатите проекти меѓу двете земји ќе продолжи, но најави и зголемување на нејзиниот обем. Воедно се заблагодари за ставот на Австрија во однос на нашиот технички проблем со издавањето на патните исправи за македонските граѓани. вј/нд/

Фото: МВР

 

Остани поврзан