Средба на министерката Божиновска со шпанскиот амбасадор Сориано Ортиз

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска имаше работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Сориано Ортиз. На средбата присуствуваше и советникот за економски прашања со седиште во Софија, Хавиер Морал Ескудеро, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
Разговорите беа фокусирани на зајакнување на билатералната соработка посебно во делот на енергетиката. Министерката Божиновска и амбасадорот Сориано Ортиз разговараа за можностите за инвестициска соработка, размена на искуства и технологии, како и потенцијални заеднички проекти во обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и одржливиот развој.
Шпанија е значаен партнер во енергетскиот сектор со богато искуство во развојот на зелени технологии и обновливи извори на енергија, што претставува вредна основа за идни проекти и иницијативи. Шпанскиот амбасадор се залага за поцврста соработка, а компании од Шпанија веќе пројавиле интерес за поголемо вклучување во проекти во Македонија. За таа цел, Морал Ескудеро ја информираше министерката дека бизнис форумот што се одржува во Мадрид, Шпанија оваа година е одлична можност шпанската бизнис-заедница да слушне повеќе за можностите што ги нуди Македонија и да се остварат контакти што на земјата би и донеле можности за нови инвестиции и нови партнери.
Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката преку конкретни иницијативи кои ќе придонесат за енергетската транзиција и одржлив економски развој, се невдува во соопштението од МЕРМС.са/
Фото: МЕРМС