Средба на градоначалникот Тони Коњановски и конзулката на Грција Деспина Ипиоти
- Градоначалникот Тони Коњановски приреди прием за новоназначената конзулка во Генералниот конзулат на Република Грција во Битола, Деспина Ипиоти.

Битола, 17 јануари 2025 (МИА) - Градоначалникот Тони Коњановски приреди прием за новоназначената конзулка во Генералниот конзулат на Република Грција во Битола, Деспина Ипиоти.
На првата официјална посета на Општина Битола, градоначалникот Коњановски ја информираше конзулката Ипиоти за досегашната соработка на општината со повеќе градови во Грција, како и за можностите за зајакнување на соработката на културен, образовен и економски план.
- Општина Битола, во изминатиот период, реализираше повеќе проекти во рамките на програмата за прекугранична соработка во партнерство со општини и други институции од Грција, а во моментот се чекаат и резултатите од двата нови проекти, аплицирани на последниот повик на ИПА програмата, кои се насочени кон енергетска ефикасност, заштита на животната средина и развој на туризмот преку промоција на незагадувачки индустрии и стари занаети, истакна Коњановски.
По средбата со Коњановски, генералната конзулка Деспина Ипиоти, посочи дека во следниот период ќе се реализираат повеќе работни средби со градоначалниците од Пелагонискиот регион, со цел реализација на заеднички активности со бенефит за граѓаните во општините од двете страни на границата. мт/ир/
Фото: Општина Битола