Средба на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, со австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер
- На средбата на која присуствуваа и претставници на Противпожарната единица од Охрид е разговарано за можноста за воспоставување соработка во делот на противпожарната заштита.
Охрид, 28 јануари 2025 (МИА) - Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска оствари средба со амбасадорот на Австрија во Република Македонија, Мартин Памер.
Амбасадорот при посетата на Охрид беше придружуван од Петер Логар, проект-менаџер на Програмата за поддршка на тиролската противпожарна бригада и Јоханес Пап, заменик командант на Покраинската противпожарна бригада на сојузната покраина Тирол.
На средбата на која присуствуваа и претставници на Противпожарната единица од Охрид е разговарано за можноста за воспоставување соработка во делот на противпожарната заштита.
Притоа потенцирана е потребата од активна волонтерска служба за противпожарна заштита, што би била соодветно опремена за делување при поголеми пожари на отворено. Исто така, станало збор и за можни проекти кои би обезбедиле дополнителна опрема и обуки за противпожарната единица во Охрид.
Градоначалникот Пецаков изразил задоволство од посетата на австриската делегација и надеж дека од оваа средба ќе произлезе конкретна идна соработка.
Во рамки на денешната посета австриската делегација имаше средба и со вработените во ТППЕ Охрид, каде гостите имаа можност да се запознаат со техничката опременост, капацитетите и ресурсите со кои располага противпожарната единица. Била остварена посета и на просториите што ги користи доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст“.
Инаку, членовите на таа волонтерската организација во текот на изминатиот период беа дел од многу значајни теренски интервенции за гаснење на пожари во Охридскиот регион. аб/аа/
фото/Општина Охрид