• понеделник, 23 декември 2024

Средба на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Куртовски со Армен  Жарноски

Средба на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Куртовски со Армен  Жарноски

Ростуше, 4 август 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше во својот кабинет имаше средба со доктор Армен Жарноски асистент - истражувач во Јавната научна установа - Институт за национална историја - Скопје, Одделение за историјата на Македонија за време на османско - турското владеење.

- На мое огромно задоволство денеска остварив средба со д-р Жарноски при тоа со посвета на подарок ја добив неговата скоро објавена книга „Реканската каза во османлиските архивски документи од XIX и почетокот на XX век”, информираше  Куртовски.

Предмет на оваа монографија се социо-политичките состојби во Реканскиот регион во периодот на XIX до почетокот на XX век, истражени врз основа на османлиските архивски документи. 

- Основната цел на ова дело е преку изложување на архивски документи да се истакнат некои аспекти од историјата на Реканскиот регион што досега не биле истражени. Освен ова, изложени се и барањата и молбите од страна на месното население до соодветните државни институции од тој период, вели Куртовски.

Според него, впечатлива е и насловната слика на која се наоѓаат објектот во село Жировница каде што се наоѓало седиштето на Реканската каза, мостот Елен скок, Бигорскиот манастир и старата џамија во село Ростуше, се  тоа опкружено со планини и ливади. 

-Посебно ме радува што д-р Армен Жарноски, по потекло од село Жировница, ја истражува историјата на реканскиот регион во минатото и преку своите книги со потврдени историски аргументи ќе остави трага и воедно ќе ги збогати нашите познавања за реканскиот крај. Веруваме дека во иднина ќе има уште многу вакви истражувања и објавени книги со кои ќе се зголеми фондот на книги посветени на реканскиот регион, наведува тој.

Д-р Армен Жарноски е автор и на книгата “Богомилството и суфизмот во Македонија и на Балканот (X-XVI век): историски паралели”. вт/


Фото: Општина Маврово и Ростуше

Остани поврзан