• четврток, 30 мај 2024

Србија: Опозицијата го напушти разговорите во собранието за препораките на ОДИХР за изборните услови

Србија: Опозицијата го напушти разговорите во собранието за препораките на ОДИХР за изборните услови

Белград, 11 април 2024 (МИА) - Без резултати заврши и третата средба меѓу српската власт и опозиција во собранието со која претседаваше Ана Брнабиќ за спроведување на препораките на ОДИХР за подобрување на изборните услови, а на која присуствуваа претставници на парламентарните партии и амбасадорите на САД и ЕУ, Кристофер Хил и Емануел Џофри, јави дописникот на МИА од Белгад.

Потпретседателката на Партијата на слободата и правдата (ССП), Мариника Тепиќ, на прес-конференцијата по средбата рече дека тие го напуштиле „т.н. состанок“.

-Нешто што требаше да изгледа како продолжение на дијалогот, рече таа.

Според нејзините зборови, средбата била „само шоу за гостите“.

Мирослав Алексиќ од Народното движење на Србија пред крајот на средбата изјави дека и денеска власта не покажала желба да се договори со спојување на сите избори (и локални и оние за град Белград) и да се договори за медиумите.

-Тие ја планираа средбата за да разговараме за некои работи кои се дел од препораките на ОДИХР, кои во суштина не менуваат ништо. Тоа се измени на тие пет закони, кажа Алексиќ и додаде дека не може да се симулираат разговори за изборни услови во текот на кампањата, а СНС веќе го доставила избирачкиот список и ја почна кампањата за изборите за град Белград.

-Тоа е потврда дека власта не сака суштински да промени ништо, не ја сака опозицијата, не сака да се намалат политичките тензии во општеството, туку да манипулира и да продолжи да создава привид дека нешто се случува, истакна Алексиќ.

Опозицијата на претходните средби изнесе три барања: формирање на комисија која ќе го проверува избирачкиот список, отворање на Радио телевизија на Србија за сите учесници на изборите и спојување на Белградските и сите локални избори.

Властите ги прифатија првите две барања, а третото го одбија, по што опозицијата најави дека не сака да преговара за првите две додека не се прифатат сите три барања.

Опозицијата упати писмо и до ОБСЕ со барање да се назначи специјален пратеник кој ќе посредува меѓу власта и опозицијата.

На оваа трета средба на претставниците на опозицијата и власта, за разлика од претходните, присуствуваа и претставници на невладините организации - ЦРТА, ЦЕСИД и Транспарентност Србија. Присуствуваа и американскиот амбасадор Кристофер Хил и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Џофре, како и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Србија, Јан Брату. об/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан