• сабота, 27 јули 2024

Србија/Истражување: Секој трет ученик учествува во најмалку една тепачка годишно

Србија/Истражување: Секој трет ученик учествува во најмалку една тепачка годишно

Белград, 15 април 2024 (МИА) -  Третина од учениците учествувале во тепачка најмалку еднаш во текот на годината, покажа истражувањето за здравственото однесување на училишните деца во Србија во учебната 2021/2022 година спроведено од Институтот „Батут“.

Весникот Политика денеска објави дека има забележителен пораст на агресивното однесување на девојчињата и дека ученичките почесто ги злоупотребуваат своите врсници во споредба со претходното истражување спроведено во 2018 година.

 Психологот Ана Мирковиќ за Политика вели дека истражувањето на однесувањето и навиките на училишните деца покажува дека општеството во кое живееме станува се поагресивно. „Децата и младите растат во култура на насилство, во која агресијата е сеприсутна и стана валута за комуникација“, рече Мирковиќ.

 Околу 41 отсто од учениците во прво одделение во средно училиште изјавиле дека првата сексуална врска ја имале на 15 години, а петтина дека првото интимно искуство го доживеале на 11 години. 
Истражувањата покажаа дека учениците го поминуваат најголемиот дел од слободното време користејќи интернет, а секој 11-ти ученик ги користи социјалните мрежи повеќе од седум часа дневно.
 
Секој петти испитаник изјавил дека му е полесно да зборува за своите чувства на интернет отколку лично.
 
Речиси 40 отсто од учениците се чувствувале нервозни еднаш неделно или почесто, додека третина биле раздразливи, а петтина се жалеле на повремена несоница.
 
Истражувачкиот примерок го сочинуваа 198 паралелки од петто и седмо одделение од основните училишта и од прво одделение од средните училишта, а на прашањата на институтот „Батут“ одговориле вкупно 3.713 испитаници. зш/

Остани поврзан