• недела, 22 декември 2024

Според поранешен германски вицеканцелар, интерграцијата на мигрантите не е успешна

Според поранешен германски вицеканцелар, интерграцијата на мигрантите не е успешна

Берлин, 26 декември 2023 (МИА) - Поранешниот лидер на германската Социјалдемократска партија (ГСДП) и поранешен вицеканцелар на Германија Зигмар Габриел изјави дека земјата потфрла во интеграцијата на мигрантите, јави ДПА.

- Луѓето не се слепи и можат да видат дека, од една страна, Европа не ги заштитува ефикасно своите надворешни граници, а од друга страна, ние не успеваме во многу области кога станува збор за интеграцијата на мигрантите кои пристигнаа овде, наведе тој во коментар во Ноје Оснабрикер Цајтунг.

„Резултатите од неодамна објавената студија на ПИСА во областа на образованието се еден од многуте докази за тоа“, додаде Габриел. Според таа студија, објавена на почетокот на месецот, учениците на 15 и 16 години во Германија постигнале најниски резултати во читање, математика и природни науки досега забележани во земјата.

Габриел повика на нов курс во миграциската политика на Германија пред европските избори следната година. „Колку помалку демократските партии зборуваат за оваа тешка тема на просветлен начин и без предизборен блеф, толку полесно ќе биде за АзД (екстремно десничарска Алтернатива за Германија)“, нагласи тој. „Бидејќи за многу луѓе во Германија, прашањето за миграцијата е симбол на растечката несигурност“, посочи тој.

Од јануари до ноември 2023 година, дополнителни 305.000 луѓе поднеле барање за азил во Германија - што претставува зголемување од околу 60 отсто во споредба со истиот период лани. ссм/

фото: архива

Остани поврзан