• понеделник, 23 декември 2024

Споменикот на Гешовски, прва жртва при распад на Југославија се поместува пред гробовите на великаните 

Споменикот на Гешовски, прва жртва при распад на Југославија се поместува пред гробовите на великаните 

Кавадарци, 6 ноември 2023 (МИА) - Споменикот на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославија, се поместува пред гробовите на великаните, информираа попладнево од Kабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.  

- Во тек се градежни активности на градските гробишта, споменикот на Сашко Гешовски се поместува на нова локација пред гробовите на великаните. Целиот дел ќе биде хортикултурно уреден, оплеменет и со нова урбана опрема. Изведувач на работите е фирмата „АС машини“, соопштија од Кабинетот на Јанчев. 

Претходно, на 26 октомври, МИА информираше дека Кавадарци ќе гради три фонтани во чест на Сашко Гешовски.  Активностите се дел од програмата на Општината за одбележување на значајни настани и истакнати личности.

Весела Честоева, претседател на Одборот за подигање на спомен обележјето, во изјава за МИА информираше дека фонтаните ќе бидат на кружниот тек кај новата автобуска станица во Кавадарци. Станува збор за најстариот кружен тек во градот. 

- Идејниот проект ќе биде со симболика за животот на Сашко Гешовски, неговата младост. Идејното решение  естетски ќе го збогати кружниот тек, а да не влијае врз сообраќајното решение, нагласи Честоева, која е директор на Винскиот музеј. 

Честоева соопшти дека вкупната сума за реализација на овој проект е три милиони и двеста илјади денари со ддв. 

Гешовски е првата жртва што Македонија ја даде при распадот на поранешна Југославија, загинувајќи во Сплит 1991 година на 20-годишна возраст, како војник.

Честоева нагласи дека со ова Кавадарци потврдува дека не ги заборава и ги почитува луѓето што потекнуваат од овој град, а се значајни не само за кавадаречката, туку и за македонската и пошироката јавност. свд/мд/

Фото : Фејсбук на градоначалникот Митко Јанчев 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан